Џафери: За нас сонцето изгрева на запад

330

Под мотото „За нас Сонцето изгрева на запад“ вечерва во Македонската филхармонија се одржа свечена академија по повод 110 години од Битолскиот конгрес, односно Денот на албанската азбука.

На свеченоста свое обраќање имаа претседателот на македонското Собрание Талат Џафери, премиерот Зоран Заев и вицепремиерот за европки прашања Бујар Османи чиј Секретаријат за европски прашања беше задолжен за организација на свеченоста.

Спикерот Џафери покрај историското значење на Битолскиот конгрес како најзначајниот национален собир во политичката и културната историја на Албанците еден од најзначајните столбови за издигнување на албанската култура ја подвлече, како што рече и новата реалност после 110 година, која покажува дека „сме пораснале, сме созреале како општество, како држава, како регион и сега работите ги гледаме во една поинаква перспектива, со друг објектив, а одговорност на политичарите е да донесуваме одлуки значајни за иднината на државите, граѓаните, нашата младина и нашите деца“.

-Важно е сите да го впериме погледот во иста насока, или како што вели слоганот на оваа вечер: За нас Сонцето изгрева на запад- порача Џафери.

Премиерот Заев изјави дека јазикот и азбуката се дел од генетскиот код на еден народ и се најсилното средство и за чување и за афирмација на духовното наследство на една заедница. Наша должност, должност на државата е, рече, да го чува и негува јазикот и писмото на секоја нејзина заедница, за што не повикуваат европските вредности што ги прифативме како наши на патот на нашата интеграција во ЕУ.

– Ние во Република Македонија имаме шанса на најдобар можен начин да ја промовираме и практикуваме големата европска идеја обединети во различностите. Затоа со право можеме да го истакнеме фактот дека прогласувањето на денешниот ден за официјален празник на албанското писмо  е составен дел од јазичното и од културното богатство на Република Македонија. Одбележувањето на културните вредности, датуми  и традиции на сите етнички заедници вклучувајќи и албанската е во основата на нашето мултикултурно општество. Прифаќањето на таа реалност е силен израз за просперитетна иднина и благосостојба на сите граѓани. Етничката и јазичната разноликост на нашето општество ја сметаме за наша предност, за наше заедничко богатство. Нашата заедничка иднина, иднината на сите наши граѓани ќе ја изградиме без затворање во етноцентрична култура, туку во почитување на сите заедници каде различните култури ќе се почитуваат, ќе соработуваат, ќе се надополнуваат и меѓусебе ќе се збогатуваат, рече Заев.

Пригодни обраќања имаа и гостите на свеченоста – претседателите на Албанија и на Косово Илир Мета и Хашим Тачи.

-Оваа година беше година на големи предизвици, но и големи надежи. Не само за Албанија, туку особено за Македонија и за целиот регион. Собранието на Македонија го усвои законот за употреба на албанскиот јазик како и Договорот од Преспа кој е важен не само за Македонија, туку и за сите нас, за евроинтеграциите и за мирот и долгорочна стабилност.  Сега е времето за поголема соработка и соживот. Почитувањето на малцинствата е обврска на сите наши држави. Затоа да ја изградиме нашата заедничка европска иднина за да им оставиме на идните генерации побезбеден регион, поразвиен, но исто така и поголеми можности за да живеат во регионот, рече Мета.

На свеченоста на која присуствуваа и министри во владата, претстваници од судството, од верските заедници, дипломатскиот кор, и други гости ,се обрати и лидерот на ДУИ Али Ахметив

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...