Од моја перспектива тоа е нормално. Тоа се засебни два субјекта кои функционираат во коалицијата и нормално е да се очекува и да се има и работи за кои не до крај се согласуваат партнерите иако се во коалицијата, но како тоа се одразува е друга работа. Сега за сега без разлика на сите различни ставови што се искажани, она што доаѓа од Влада доаѓа усогласено, доаѓаат како заеднички предлог од Владата и во тој контекст нема сигнали од едниот или од другиот во Собранието преку пратениците би требало да се попречи ова или тоа. Ова е одговорот на претседателот на парламентот Талат Џафери, во интервју за МИА, на прашањето стабилноста на коалицијата меѓу СДСМ и ДУИ.
– Ако веќе се има дебата мислам дека за демократијата е здраво да се има таква дебата и внатре во коалицијата затоа што тоа ги зацврстува и институциите. И во тој контекст можеби некој од друга перспектива ја гледа како нешто негативно, како нешто што не би требало но таму нема општа послушност по однос на одлуките. Влада, коалиција која и покрај разликите мора да изнајде да се издигне над себе – вели Џафери.
Во однос на очекувањата на ДУИ за престојните парламентарни избори, Џафери вели: „Јас сум претседател на Собранието, но во изборната кампања за парламентарните избори неспорно е учеството и активноста, затоа што Собранието веќе е распуштено и во тој контекст сите анализи што се прават се позитивни, но на крајот на краиштата се очекува волјата на граѓаните на самиот ден на избори. Главно партиските органи ги вршат своите активности, подготовки за учество во изборниот процес. Во секој случај е право и слобода на граѓанинот е да се изјасни во однос на она што ќе биде понуда за изборите и во кампањата а очекувањата врз база на анкетите што се направени се соодветно оценети и не се лоши, ако може така да се каже’.
Запрашан дали би прифатил уште еден мандат на чело на законодавниот дом, Џафери вели дека не избегнува обврски и задачи. Партиските органи, нагласува, ќе ги состават изборните листи и во тој контекст се зависи од статусот по изборите.
-Вообичаено, работа не сум бирал. Од она што ми било доверено досега, а сум прифатил, тогаш сум се посветил целосно на тоа да ги исполнувам очекувањата и на граѓаните и на субјектот кој ме номинирал на тие задачи. Вие знаете дека претходно, пред да бидам претседател на Собранието, сум бил министер, сум бил координатор на пратеничка група…Во секој случај јас не бегам од обврски, не бегам од одговорноста, она што ќе ми биде поверено соодветно ќе биде и исполнето и сработено.