Ха ха ха, јас немам Фејсбук. Ова е коментарот на претседателот на Собранието Талат Џафери на повикот на пратеникот на СДСМ Александар Кирацовски собранискиот спикер сега и веднаш да ја закаже собраниската седница за разрешување на министерката за труд Рашела Мизрахи.
На прашање на Плусинфо, Џафери, сепак не прецизира дали и кога ќе закаже седница за разрешување на министерката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Од ДУИ пак, за повикот на Кирацовски до Џафери коментираат дека пратеникот „Кики така може да му се обраќа само на Боки 13“.
Неофицијално, неизвесно е дали Џафери ќе закаже седница за разрешување на министерката за труд. Според информации од Собранието, доколку се оди на разрешување на Мизрахи можно е да се искомплицира целиот изборен процес. Објаснувањата се дека Мизрахи е министерка во техничката влада која произлегува од Пржинскиот договор зад кој стојат меѓународни гаранции. Доколку Мизрахи биде разрешена, се наметнува дилемата дека некоја од партиите во случајов ВМРО-ДПМНЕ доколку не и одговара изборниот резултат, да ги оспори парламентарните избори. Односно толкувањето е дека разрешувањето на министерката од техничката влада може да предизвика сериозни политички турболенции и да има импликации врз целиот изборен процес. Особено дека сега ни требаат беспрекорно одржани избори, без трошка сомнеж во процедурите и во резултатот.
ВМРО-ДПМНЕ е убедена дека Мизрахи нема да биде разрешена. Од ДУИ се воздржани дали би гласале за разрешување на министерката, додека СДСМ инсистира Џафери веднаш да закаже собраниска седница за разрешување.
Премиерот Оливер Спасовски денеска повтори дека Мизрахи треба да биде разрешена и го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да достави нов предлог за министер за труд и социјала.
Кирацовски попладнево на Фејсбук го повика Џафери да закаже седница и дека „не смее повторно да го стави Собранието во улога на штитеник на неподобни кадри, како што тоа го изведе во случајот со (не)одземањето на имунитетот на пратеникот Трајко Велјановски.