– До овој момент, до Собранието, односно до мене, не е доспеан предлог за автентично толкување на овој закон. Државниот јавен обвинител е еден од надлежните органи или институции кој може да покрене постапка и процедура за автентично толкување на закон, во случајов Законот за Специјалното јавно обвинителство – рече Џафери.
Сè друго е во рамки, како што рече, на медиумското препукување на институциите, односно на судската власт меѓу себе, нагласувајќи дека според Деловникот тој, кога ќе го добие барањето за автентично толкување, ќе го процесуира во собраниска процедура.
Тој појасни дека сите предлози и барања што доаѓаат до Собранието, а се однесуваат на процедурата на законодавството, истовремено се објавуваат и на веб-страницата на Собранието и тој материјал се доделува и до пратениците.