Претседателот на Собранието Талат Џафери во интервју за МИА изразува надеж дека лидерите на политичките партии ќе постигнат договор на претстојната средба во недела навечер или во понеделник и оти нема да биде никаков проблем тоа што е договорено Собранието да се спроведе и до крајот на месецот.
Во спротивно, вели тој, ќе продолжи процедурата за носење на измените на Изборниот законик со кои се предвидува со мнозинство гласови да се избира составот на Државната изборна комисија (ДИК), која треба да го спроведе референдумот за името.
– Во спротивно, што не посакувам, процедурата што е започната може да се доведе до крај затоа што нема инструменти за попречување освен ако не мислиме на онаа навика кога ќе треба законот да се носи на потпис кај претседателот на државата па тој да одлучи исто како за двата претходни закони. Тоа веќе е еден од инструментите за попречување – вели Џафери.
Претседателот на Собранието посочува дека за Парламентот нема последен рок за распишување на референдумот бидејќи се уште нема определно датум за негово одржување.
– Затоа не сме оптеретени стриктно да кажеме 30 јули, 31 јули или 1 август ни е последниот рок. Битно е да се определи рамката во која што се сака да се одржи референдумот и врз база на тоа да се поднесе предлог-одлука до Собранието- вели претседателот на Парламентот додавајќи дека во тој случај би можело да се свика и итна пленарна седница во кој било ден од неделата.
Џафери во интервјуто најавува дека Законот за ратификација на Договорот со Грција и Законот за јазиците ќе бидат испратени во Службен весник пред да го распише референдумот за името. Според Џафери тоа би било логично затоа што, како што вели, што би било предмет на референдумот тогаш.
Целосното интерју можете да го прочитате на МИА