Џафери да закаже седница за мерките за загадувањето, бара Комисијата за транспорт

32

Претседателот на Собранието Талат Џафери што поскоро да ја закаже седницата на чиј дневен ред како точка се ставени заклучоците со препораки и мерки за намалување  на загадувањето на воздухот, донесени на јавна расправа во Комисијата за транспорт и врски во декември минатата година.

Таков заклучок денеска едногласно донесеоа членовите на Комисијата за транспорт и врски, по иницијатија на пратеничката од ДОМ Лилјана Поповска која побара одговор каде, како што рече, „потонале усвоените заклучоци“ и зошто не е закажана седница на која требало да се изгласаат и по нив да се постапува.

– Кој ги кочи тие мерки против загадувањето  што ги усвоивме со консензус? Сите присутни од сите партии и независни пратеници заклучивме дека треба да се водат сериозни контроли на сите индустриски и стопански објекти,  да се направи попис на загадувачи, да се прави контрола на градилиштата,  ревизија на деталните урбанистички планови, да се применат законските одредби за задолжително зеленило, да се реши отпадот во сите општини, да се засилат инспекциските контроли и на државно и на локално ниво, и редица други работи. Нашите заклучоци требаше да се вратат на собраниска седница, но немавме седница – рече Поповска.

Оваа зима, дополни, се гледа дека ја  испуштивме, се загушивме, и живееме како во гасна комора. Да работиме за борба против загадувањето сега во јануари за да можеме пристојно да дишиме идниот октомври- ноември кога ќе почнат  маглите, рече Поповска.

Претседатечката на Комисијата и пратеник од ВМРО-ДПМНЕ Лилјана Затуроска рече дека извештаите од јавната расправа се испратени до претседателот на Собранието и до сите субјекти кои учествувале на расправата и оти дел од нив веќе и испратиле мислење.  Согласно со денешната одлука на Комисијата повторно ќе биде испратен заклучок за да се закаже што поскоро седница.

Сопартиецот на Затуроска, Благоја Деспотовски побара итно да се закаже седница ако треба и само со таа точка на дневен ред затоа што  станува збор за многу сериозна работа која не е партиска и ги засега сите.

Неговиот колега од СДСМ, Диме Велковски апелираше да не се манипулира со, како што рече, чесната намера на нивната колешка Поповска и работата да не се политизира бидејќи заклучокот за мерките бил еден од ретките донесен со консензус. Сите заеднички имаме исто намери, да се подобри животната средина и амбиеталниот воздух во Македонија. Донесовме краткорочни, среднорочни и долгорочни заклучоци и сите со консензус ги усвоивме. Дури и наведовме уште поригорозни мерки во делот каде треба да донесеме предлог закон за забрана за јаглен и други штетни горива. Извештајот е ставен на пленарна седница, но се согалсувам дека таа седница треба да почне што поскоро, рече Велковски.

Членовите на Комисијата за транспорт, расправаа и за Годишната програма за работа и развој на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор за 2019 година, со финансиски план. Приходите на Агенцијата се планирани на износ од 20.787.000 денари. Од нив, 13,5 милиони денари се по основ на ненаплатена годишна такса од МЖ Транспорт за 2016, 2017 и 2018, како и дел од таксата што треба да ја наплатат за 2018 година од ЈП МЖ Инфраструктура. Годинава се планирани две вработувања за подобрување на капацитетот на Агенцијата. 

По повеќе од два часа дебатата помина во расправа, процедурални забалешки и обвинувања меѓу пратениците од опозицијата и власта, кој колку направил за состојбите во железничкиот сектор, за кои од Агенцијата укажаа дека не се надлежни и оти само доставуваат укажувања до железничките претпријатија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...