Џафери – Вархеји: Планот е до март да се создадат можности за отворање на преговорите

Пакетот би содржел три столба и тоа методологија за целиот процес, отворање на пристапните преговори со двете држави и нов економски план за целиот регион.

145

Заедничките напори ќе резултираат со одлука за почеток на преговорите во март или мај оваа годин, изразил надеш претседателот на Собранието Талат Џафери на средбата со еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, Оливер Вархеји.

Џафери посетата на еврокомесарот ја смета за поддршка на цврстата определба на државата да остане на европскиот пат и покрај застојот со кој се соочува. Тој подвлече дека и покрај големото разочарување од недонесувањето на одлука за старт на пристапниот процес по октомврискиот состанок на Европскиот совет, политичките чинители во земјата смогнаа сили и успеаја да останат фокусирани на стратешката цел на државата за полноправно членство во Европската унија. Тој понатаму истакна дека, иако причината за недобивањето на датум лежи во нерешените внатрешни прашања на самата Унија, политичките лидери на Македонија решија да го вратат мандатот кај граѓаните и да ги повикаат да се изјаснат на предвремени парламентарни избори на 12 април 2020 година за понатамошниот пат на државата. Во периодот што следи, нагласи претседателот Џафери, напорите ќе бидат насочени кон одржување на транспарентни, фер и демократски избори.

Комесарот Вархеји истакна дека неговата прва посета надвор од Европската Унија е токму на С. Македонија поради тоа што државата направи најмногу за да ги оствари своите аспирации за европска интеграција и дека на овој начин тој оддава признание на тие напори. Тој информираше дека неговиот план е до март да се создадат можности за отворање на пристапните преговори со Република Северна Македонија и Република Албанија и за таа цел новата методологија за процесот би била претставена до крај на месец јануари. Пакетот би содржел три столба и тоа методологија за целиот процес, отворање на пристапните преговори со двете држави и нов економски план за целиот регион. Комесарот за проширување Вархеjи нагласи дека на октомврискиот самит беше направена грешка и дека новата методологија е начин таа грешка да биде исправена.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...