Ѝ недостасува ли Балканот на ЕУ

Токму затоа, на владите на ЕУ-членките им останува сега да се обидат да ги расчистат дилемите и да заземат став дали има место во европската соработка да се внесат и земјите од Западен Балкан. Досегашните негативни источноевропски искуства и назадувања секако не се охрабрувачки, иако во еден поширок контекст на посакуваното европско обединување веројатно најоптимистички во овој момент може да прозвучи, на пример, тардиционалното убедување на шведската влада, дека земјите, сепак, најдобро се развиваат во вистинска насока – внатре во ЕУ.

1240

„ЕУ: Велика Британија надвор – балканските земји внатре“. Со вакви и слични наслови во дел од печатот во западноевропските земји, како на пример со овој од анализата на шведскиот весник „Свенска дагбладет“, деновива беше најавена можноста западнобалканските земји Северна Македонија и Албанија да добијат зелено светло за почеток на преговорите за членство.

Но напоредно на таквите најави сигналите од Франција зрачат помалку оптимистички, при што воздржаноста на претседателот Макрон кон идното проширување и понатаму останува недоволна јасна кога се поврзува со потребата од „малку повеќе време за да ги средиме работите“, односно да се средат внатрешните реформи во Унијата.

Сепак, многу нешта моментно јасно зборуваат дека не станува збор исклучиво за дилемата дали двете западнобалкански земји, кои упорно и вознемирено, според принципот „давеник за сламка“, тропаат на вратите на ЕУ, се подготвени за започнување на преговори, туку дали едновремено се соочуваат и со неповолниот исход да останат заглавени како колатерална штета во сенката на покрупни политички прашања на реалација меѓу најважните европски метрополи.

Франција, и пред претходните големи кругови на проширување на ЕУ со прием на земјите од Источна и Централна Европа, притискаше дека пред забрзувањето на таквиот процес е неопходно да се интензивира и продолабочување на постоечките ЕУ-интеграции. Без тие да бидат дополнително оптоварени со нови непотребни проблеми, посебно кога станува збор за евентуелното членство на балканските земји. „Нерешен конфликт кај вас, ќе стане конфликт за нас“.

Дилемите се чини не се воопшто помали ни во актуелниов миг. Со подготовките да го напушти заедничкото европско семејство, Велика Британија се залагаше за спротивна линија од Франција, односно дека Источна Европа треба да се пушти внатре колку што е можно побрзо. И тоа пред сè поради фактот дека таквиот развој би требало да овозможи големи економски предности за ширење на внатрешниот европски пазар.

Но, британските дипломати не криеја оти виделе шанса да внесат поголем број нови членки кои би можеле да и помогнат на Велика Британија токму во напорите да ги спречат Французите во нивните намери за продлабочување на европските интеграции, односно на федаралните тенденции во интеграцијата на Европа.

Денес многумина сметаат дека Французите сепак имале право кога биле сомничави, имајќи предвид дека ЕУ е соочена со длабоки внатрешни проблеми кои претставуваат закана за целиот проект на европската соработка, и кои се поврзани, меѓу другото, со недоволното почитување на принципите на функционирање на правната држава и борбата против корупцијата од страна на членките од „нова“ Европа.

Тоа често се истакнува без оглед на фактот дека и Британците беа во право со својот ентузијазам околу економските предности. Проширувањето овозможи несомнеа економска експанизја на Источна Европа, што во исто време беше од полза за целата Унија, бидејќи од сето тоа најмногу профитираа западноевропските компании.

Но, другата страна на медалот е фактот дека балканските и источноевропските членки на ЕУ со години наназад не се помрднуваат од дното на годишните ранг-листи околу тоа како се перцепира и доживува корупцијата меѓу нивните граѓани. На дното на табелата убедливо се наоѓа Бугарија, а веднаш до неа се пласирани Грција, Унгарија, Романија и Хрватска.

Таквиот загрижувачкиот тренд беше повод  актуелното финско претседателство силно да се заложи за воведување конкретни мерки во борбата против корупцијата и економскиот криминал. Сегашните напори кои се прават во ЕУ во оваа област се опишуваат како фрагментизирани и дека се одвиваат без соодветен механизам на мониторинг. Ако веќе се добиваат пари од фондовите на ЕУ тогаш мора и да се гарантира дека парите нема да завршат во погрешни џебови. Затоа сите ЕУ-членки мора да изградат добар и ефикасен систем за борба против корупцијата.

Но останува отворено прашањето колку и досега недостасувале механизми за надзор и контрола во рамки на ЕУ. Во Бугарија беше укажувано на раширената корупција како Ахилова пета веќе при зачленувањето на земјата во 2007 година. Како услов за членството ЕУ тогаш воведе посебен механизам наречен ЦВМ – исто така и за Романија – преку кој правосудниот систем на земјата постојано се контролира од страна на Европската комисија. Тој механизам, и по дванаесет години, се уште е на сила. Но Бугарија и понатаму е на дното на ранг-листите околу нивото на корупцијата. Бојко Борисов залудно се закануваше во предизборната кампања дека ќе ги укине „понижувачките посети“ на ЕУ-експертите кои ја контролираат и критикуваат борбата против корупцијата во земјата.

Македонија тешко дека би можела да настапи со убедливи аргументи со кои нејзините досегашни реформски напори би биле перцеперани како сигурен исчекор и позитивно отклоновуање од негативните искуства кај нејзините соседи по нивното зачленување во ЕУ, а кои се постојано трн во окото на најгласните критичари на идното проширување на Унијата. Токму напротив, Македонија балансира на премногу тенок мраз за да може да се пофали со некакви позначјани постигнувања во областа на владеењето на правото и антикорупциската борба.

Токму затоа, на владите на ЕУ-членките им останува сега да се обидат да ги расчистат дилемите и да заземат став дали има место во европската соработка да се внесат и земјите од Западен Балкан. Досегашните негативни источноевропски искуства и назадувања секако не се охрабрувачки, иако во еден поширок контекст на посакуваното европско обединување веројатно најоптимистички во овој момент може да прозвучи, на пример, тардиционалното убедување на шведската влада, дека земјите, сепак, најдобро се развиваат во вистинска насока – внатре во ЕУ.

Особено ако постои речиси општа согласност дека сите други алтернативи можат да бидат само – полоши.

 

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...