Ќотекот и заканите по живот не се доволни Хинд од Емиратите да добие македонски азил

1985
ФОТО: Принтскрин

Лавина реакции на социјалните мрежи поради одбивање на азил на Хинд Мохаммад Алболооки од Обединетите Арапски Емирати, која бегајќи од семејното насилство и можност да ја погубат доколку се врати во родената земја, заврши во Македонија.

Од Министерството за внатрешни работи за Плусинфо велат дека барањето за азил е одбиено бидејќи утврдиле дека не постои оправдан страв од прогон, односно не се утврдило дека таа е прогонета поради својата раса, вера, националност, припадност на одредена социјална група, или политичко уверување и дека не постојат причини да се верува оти доколку се врати во својата држава, ќе се соочи со реален ризик да претрпи сериозни повреди.

На социјалните мрежи беа објавени и фотографии за кои се тврди оти се писма од сопругот на Алболооки, во кои меѓудругото тој и вели оти не треба да се плаши и ја условува со тоа дека треба да престане да учи, на работа да не ни помисли, да не излегува со пријатели, да не излегува од куќата без дозвола и да се грижи за децата секојдневно.

Самата Албоолоки во неколку видеа се огласи со својата верзија од настаните и за тоа како била третирана кога пристигнала во Македонија и начинот на кој побарала азил.

Од МВР велат дека на 3 декември лани, полномошниците во постапката поднеле  тужба до Управниот суд на донесеното првостепено решение на Секторот за азил.

– На 7.12.2018 година Секторот за азил доставил до Одделот за гранични работи и миграции барање за ограничување на слободата на движење на Албоолоки и донесе решение со кое се изрекува мерка сместување во Прифатниот центар за странци во период од три месеци. Управниот суд донесе решение со кое се потврдува решението на Секторот за азил, по што е поднесена и жалба до Вишиот управен суд и истиот донесе правосилна пресуда со која се потврдува решението на Секторот за азил, со кое барањето за признавање право на азил е одбиено – велат од МВР за Плусинфо.

Алболооки на 4 февруари годинава била писмено известена дека постапката за признавање право на азил е завршена со правосилна судска пресуда. Алболооки должна е за 15 дена доброволно да ја напушти територијата на Република Македонија, а најдоцна до 19 февруари годинава или доколку ги исполнува условите, да го регулира својот престој согласно Законот за странците.

– На ден 12.12.2018 година поднесена е тужба на решението за задржување на Одделот за гранични работи и миграции и постапката пред Управниот суд сѐ уште е во тек односно нема одлука по истото. На Хинд, за време на нејзиниот престој, непречено и беа овозможувани посети и истата беше посетена од страна на претставници од народниот правобранител, Високиот комесаријат за бегалци, Македонско здружение на млади правници, претставник на Језуитската служба за бегалци од каде е назначен сегашниот нејзин полномошник и адвокат од Скопје. Одобрена е и посета на претставници од Хелсиншкиот комитет – додаваат од МВР.

ФОТО: Принтскрин

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...