Ќосето сака да остане со другарчињата во Шутка, обвинителството бара притвор за сите

1263

Обвинителката Ивана Трајчева по изрекување на пресудата за случајот 27 април, побара од судот сите обвинети да завршат во притвор поради, меѓу другото, опасноста од бегство.

Повеќето од осудените се наоѓаат во притвор и за нив Трајчева побара продолжување на мерката. За тие кои се на слобода со гаранции од имот, таа побара да им се определи притвор до правосилност на пресудата.

Одбраната се противеше на ваквиот предлог, а меѓу аргументите на одбраната беше тоа дека тие имаат дадено гаранција во имот, како и дека досега ги почитувале мерките на претпазливост.

Горан Ѓошевски Леви посочи дека нема намера да бега, а тоа можат да го потврдат и полицајците кои последните четири дена, тврди тој, нелегално го следат и му ја надгледуваат куќата.

Абдуљфета Алими, пак, рече дека нема намера да ги срами неговите два сина со тоа што ќе го прекрши дадениот збор дека нема да бега.

– Нема да живеам 200 години, па да бегам негде. Ако Апелација го потврди ова ќе одам во затвор, нема да биде крај на животот – рече Алими.

Јане Ченто пак во приговорот за притвор кажа не се плаши од затвор и оти еден ден ќе огрее сонце во Република Македонија.

– Вие ме осудивте, историјата ќе ме ослободи – порача тој.

Кога е во прашање Горан Ангеловски Ќосето, пак, неговиот адвокат рече декс тој нема да избега.

– Сега да биде пуштен на слобода, ако јас не го однесам до Велес нема како да стигне дома – рече адвокатот, а Ќосето пак побара да си остане во Шутка со другарчињата зошто супер се чувствувал таму.

Да останат во Шутка побараа и Вилијам Михајловски и Влатко Трајковски.

Трајковски иронично прокоментира оти ако го пуштат ќе си ги продаде децата и ќе избега.

Единствениот кој од судската зграда излезе слободен беше Игор Дурловски.

Сите 16 обвинети добија затворски казни од 7 до 18 години.

Најмногу доби ексдиректорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, 15 години затвор добија Душко Лазаров, Митко Пешов, Горан Ѓошевски Леви, Мунир Пепиќ, Никола Митревски-Кољо, Јане Ченто и Влатко Трајковски, додека 14 Вилијам Михајловски, 13 години Оливер Поповски, 12 Игор Југ, Младен Додевски и Горанче Ангеловски Ќосето, а 10 години затвор Оливер Радулов. Под 10 години добија Александар Василевски-Нинџа кој е осуден на осум години, а една помалку доби Абдуљфета Алими.

Сите имаат право на жалба до Апелацискиот суд во Скопје, а кога и тој ќе се произнесе за пресудата, истата ќе стане правосилна.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...