Ќорсокак?

406

Ако етиката е систем што говори за човековиот морал, за чувството за исправно или за погрешно постапување, ако таа е збир на „правила“ – често и непишани – на однесувањето на личноста … тогаш може ли едно општество да функционира без тие „нешта“? Може, се разбира, и такви примери памети не само подалечната историја туку и поблиската, па и нашата, до неодамна. Ама тешко дека тоа и такво општество/држава ќе може да се нарече современо демократско општество. А уште потешко светот ќе го прифати во заедницата на демократски држави. И тоа е мала но едновремено и огромна разлика! Сакаше ли, можеби, Макрон да ни каже (и) такво нешто? Не знам, но, се разбира, не смее едно општество/држава да се поистоветува со неколкумина поединци и нивното однесување, без оглед на тоа на колку високи и важни (политички) функции биле тие.

Но светот тоа го прави, ве гледа низ призмата на избраните (народни) претставници и нивното справување со проблемите, нивното однесување во дадени ситуации, нивната подготвеност да се носат со сите предизвици во државата, па и етичките односно длабоко цивилизациските. Поточно – особено со тие! Промашивме ли токму на тоа поле, пропаднавме ли во етички и морален – некој ќе рече дури и демократски – ќорсокак (пре)многу спротивен/спротивставен на оние принципи/начела истакнувани во времето на борбата против режимот, времето на „Шарената револуција“, борбата токму против недемократската, неетичката, нецивилизираната мината власт?

Не знам, има многу покомпетентни поединци кои треба да одговорат на овие прашања. Ама тие – молчат. Или тресат глупости. Како што молчеа и/или тресеа глупости и во времето на режимот. Но и тоа се смета, и тоа е знак на зрелост на едно општество, на поединците во него, особено оние кои себеси се сметаат за интелигенција, за авангарда, за елита … оние кои by the way се и одлично платени за нивната (не)работа. Тука пред сѐ мислам на МАНУ, на Универзитетот, на образованието како целина, на културата. А токму тие или молчат или се главните перјаници на неморалот, често и на криминалот во државата! Како тогаш сакаме да нѐ гледа некојси Макрон, или кој и да е друг европски политичар кој, случајно или не, се нашол во позиција да просудува/пресудува тоест дава оценки за нас? Ако интелектуалната сила на една држава (со чесни исклучоци) континуирано петнаесетина години молчи за сите судбински прашања за народот и државата, за која и каква етика можеме да говориме, за која и каква демократија и цивилизирано општество би расправале? И мислиме дека меѓународната јавност тоа не го гледа? Ако ние молчиме за нашите права и обврски, ако молчиме за неправдите и криминалите, со каква (не)етичка држава и (не)вредносни стандарди би оделе во Европа? Зашто, нема погромогласна неетичка изјава од молкот пред криминалот, наведнатата глава пред експлоатацијата, тортурата, партократијата! Далеку од тоа дека јас таа Европа ја гледам како букет миризливи рози, ама таму сепак државите функционираат според дијаметрално различни стандарди од нашата. Ама ние сепак сме најстариот европски народ, нели?

Еден некогашен умен екс-југословенски политичар, во една од многуте длабоки кризни ситуации во таа држава, беше рекол (парафразирам) дека ние (тие, м.з.) го урнавме стариот свет, а тој сега полека доаѓа зад нас – доаѓа заради нашата вина и нашите ситни и тотално небитни рачуници за кои веќе после десет години никој нема да знае дека постоеле! Дали нешто слично (ни) се случува и сега? Дали заради нечии и некакви ситни бакалски сметки, заради нечиј малограѓански менталитет и алчност се урива „новиот свет“, постепено се распаѓа она што макотрпно и со не мали жртви од поединци беше постигнато како несопирлива желба за некаква нова македонска реалност – нормална, демократска, етичка, социјална, правна, правдољубива, цивилизирана … држава? Ни се враќа ли, засега на мала врата и, за среќа, само на општествените маргини, духот на оној режим кој зеде толку многу недолжни жртви во оваа држава? Не мислам буквално на човечки жртви односно одземени животи, иако имаше и такви, туку повеќе мислам на упропастен развој, регрес наместо прогрес, урнисани бизниси, упропастени кариери, невино обвинети, наместени процеси, опљачкана и заробена држава …? Разбуденото злосторничко здружение веќе дише во врат на власт манипулирајќи со нејзините (најблаго речено) ступидни пропусти во сите сфери на општественото живеење. А зошто? Заради нечии ситнокалкулантски интереси, заради нечии џебови и странски сметки, заради нечија алчност треба ли да пропадне таква и толкава борба? Мора ли, навистина, државата да се „прави на Тошо“ визави тој фамозен текстилен кластер како од времето на Маркс и Енгелс?

Па ве молам, зарем сега и после сѐ ќе ја враќаме земјава во предвечерието на капитализмот, во манчестерските мануфактури, или во денешните робовладетелски услови што слични кластери ги наметнуваат во Виетнам, Пакистан, Африка …? Ако е тоа така, кому тогаш, му требаше „Шарената“ и граѓанските протести? Или, подобро речено, кому му користи „Шарената“? На кластерите, на неколкумина македонски примитивни „бизнисмен(к)и“, на еден мал број полуписмени дај-дам човек фирми и купи-продај дуќанчиња? И за нив ќе работи целата држава?

Или, ако сакате, кому реално му служи актуелната „етичка“ ситуација што кружи низ државава и какви пораки еманира во јавноста? Дека криминалот навистина се исплатува, а уште повеќе се исплатува големиот и политички инструираниот криминал; дека во земјава навистина може да се монтираат судски процеси, да се потплатуват судии, да се нарачуваат убиства … и сето тоа неказнето; дека и најнеспособните партиските пулени можат да директоруваат со најзначајни македонски институции; дека политичкиот опортунизам е најценетата валута; дека дури и со грабеж на столетието од над 800 милиони евра наречен „Скопје 2014“ може и понатаму да се уживаат сите права и слободи во државава; дека едно општество може во економските односи да се врати назад речиси стотина години и никому око да му трепне, итн.? Овие македонски слободни три години напишаа во реалноста редица неетички, неморални, недемократски, некултурни магистратури и докторати коишто допрваа ќе треба да бидат истражувани и детално проучувани. Како влеговме во ваков ќорсокак и заради што? Една од првите секако е нерасчистувањето со блиското минато, непрочистувањето од талозите на режимот. Но и многу, многу други.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...