Власта не сака изборот на наследник на Ѓорге Иванов да помине без да има Државна комисија за спречување на корупција (Антикорупциска), пред сѐ, за да остави добар впечаток во Брисел. Ново законско решение за ова тело се најавува уште од минатата пролет откако претходно пукна скандалот со високите патни трошоци на претходниот состав, а сега на помалку од еден месец пред распишувањето на претседателските избори власта е во трка со времето да го донесе новиот закон и според него да се формира нова комисија.
Власта веќе еднаш го пушти во собраниска процедура Законот за спречување корупција и судир на интереси, па го повлече затоа што ВМРО-ДПМНЕ го блокираше на амандманската расправа. Сега повторно Законот е испратен во Собрание, но со европско знаменце што значи дека ќе се носи по скратена постапка, а за да се изгласа потребно е двотретинско мнозинство.
Според собраниски извори, поголеми се шансите законот да биде донесен, власта и опозицијата да се обидат деновиве да најдат заеднички јазик, а ако тоа не успее, тој би можел да помине и без зелено светло од ВМРО-ДПМНЕ бидејќи владејачкото мнозинство може да се надева и на двотретинското мнозинство кое гласаше за отворање на Уставот. Рок кога треба да се формира нема, но власта ќе се обиде да ги искористи минималните рокови за што е можно побргу да започне процедурата на формирање на Антикорупциската комисијата. По носењето на Законот, ќе треба да се распише оглас, да се формира Комисија за селекција, да се спроведат интервјуа со потенцијалните членови на Антикоруциска, да се предложат членови и тие да се изгласаат во Собрание.
Досега, опозицијата обвинуваше дека власта бега од носење на ефективно законско решение и нејзините забелешки кои ги истакнуваа беа на критериумите за избор на членови и претседател на комисијата кои, според ВМРО-ДПМНЕ, не треба да бидат исти, се противеа на бројот на членови односно предлагаат Антикорупциска да брои 5, а не 7 членови бидејќи во спротивно власта би имала мнозинство. Нивните забелешки се и на начинот на кој се предлага контрола врз финансирањето на политичките партии.
Ако власта не отстапи, во ваква форма Законот нема да ја добие поддршката од опозицијата, најави и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој рече дека тие за нивните забелешки имаат и аргументи кои се во согласност со препораките на ГРЕКО и со меѓународното право.
– Основен принцип на овој закон е формирање нов чадор што би служел во подоцнежна фаза за притисок врз политичките неистомисленици – рече Мицкоски критикувајќи го актуелниот предлог-закон.
Од СДСМ, пак, обвинија дека предлозите на ВМРО-ДПМНЕ се неразумни и спротивни на препораките на експертите од Европската комисија и дека опозицијата не сака да има силна и независна комисија која ќе има вистинска контрола.
– ВМРО-ДПМНЕ бара комисијата да не врши контрола на финансирањето на политичките партии, што е целосно неразумно и најдобро ги покажува намерите на оваа партија. Јавноста знае, токму ВМРО-ДПМНЕ е партијата за чие финансиско работење односно сомнителен начин на финансирање и отворени сомнежи за перење пари е отворен случај од страна на СЈО. Финансирањето на политичките партии мора да биде под целосна контрола на ДКСК за да нема било какви сомнежи – велат од СДСМ во однос на една од забелешките кои ги имаше опозицијата.
КОМИСИЈА ЗА СЕЛЕКЦИЈА И ИНТЕРВЈУА НА СОБРАНИСКИ КАНАЛ
Според актуелниот предлог-закон новата Антикорупциска ќе има седум членови од кои еден претседател. Помеѓу останатите критериуми е и тоа никој од нив во последните десет години да не бил пратеник или член на Влада, да не бил донатор на политичка партија или да не вршел функција во органи на политичка партија.
Откако ќе се распише оглас за членови на Комисијата, тогаш Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието ќе треба да формира Комисија за селекција. Оваа Комисија за селекција ќе спроведува интервју со кандидатите што е задолжително и ќе се пренесува на Собранискиот канал. Пред интервјуата, ова тело ќе треба да провери дали кандидатите ги исполнуваат критериумите, а по интервјуата на Собранието ќе треба да им ги предложи најдобро рангираните.
Комисијата за селекција ќе ја сочинуваат седум члена: по двајца од власта и опозицијата; по еден претставник од Советот за соработка помеѓу Владата и граѓанскиот сектор за областа Демократија и владеење на правото и од Советот за соработка за областа Медиуми и информатичко општество; и претставник на Народниот правобранител.
Покрај овие членови, на интервјуто прашања ќе може да постават и пријавени претставници од МАНУ, Интеруниверзитетската конференција и новинарските здруженија.
Во однос на надлежностите на Антикорупциската комисијата, меѓу другото, се предвидува и таа да ја следи законитоста на финансирањето на политичките партии и финансирањето на изборните кампањи. Иницијативи за испитување, ќе може да поднесат и физички лица.
Во вршење на своите надлежности Државната комисија ќе може да побара и податоци од банки и други финансиски институции, како и податоци од УЈП, Единствениот регистар на трансакциски сметки, Катастар, Агенција за вработување итн.