Ќе ја расипуваме ли петката сега?

За нас, за Македонија како општество, добрата препорака од Брисел значи многу. Но, вистинската петка, онаа што влегува во свидетелството, онаа што се преточува во висок степен на доверба во власта, ја пишува народот.

5629

Видете, другари петкаши, ќе се обидам да ви објаснам нешто околу петката, односно „чистата“ препорака што Македонија ја доби од Европската комисија. При тоа, се разбира, мене ми е јасно дека вам ништо не може да ви се каже (освен – браво, браво, браво, шокантно, термонуклеарно достигнување!), а тоа да не ја помати славата во која уживате. Дури ни од мојата позиција на некој што се обидува да ги сфати резервите на многу луѓе што сега се прашуваат: добро, браво, но што имаме ние од тоа?

Пред сѐ, да кажам дека критиките што тргнуваат од тоа реторско прашање навистина се претерани. За нас, за Македонија како општество, добрата препорака од Брисел сепак значи многу. Во најмала рака, таа значи дека конечно сме го пронашле излезот од лавиринтот во кој талкавме цела една деценија. Вашата заслуга за тоа, другари петкаши, е неспорна. Заборавените заслуги, пак, се небитни. На вашето раче е напишана петката и вие имате легитимно право да уживате во славата, која, претпоставувам знаете, секогаш е краткотрајна.

Препораката од Брисел е награда и истовремено и казна. Тој што тоа не го сфатил, тој не разбрал ништо. Петката е награда за владата на Заев, за оптегнатите едра во вистинско време, за избраниот курс, за цврстата рака на кормилото. Таа е казна за кецарошите од ВМРО-ДПМНЕ, за Груевски и за неговите рестлови, за политиката што доведе до самомаргинализирање на бандата и можеби до услови за еден нов, здрав почеток на македонската десница.

Петката е и голема обврска. Хан, Могерини и другите бриселски асови не се наивни и тие „чистата“ препорака веднаш и експлицитно ја поврзуваат со уште „почиста“ порака – еве ви мотив да се реши спорот за името. За да се комплетира стартот на евроатлантскиот процес. Морков и стап. Класика. Светот не е многу променет и нема да се менува заради нас.

Конечно, иако импресивната оценка од Брисел е многу важна, вистинската петка, онаа што влегува во свидетелството, онаа што се преточува во висок степен на доверба во власта, ја пишува народот. Сакам да потсетам дека многу луѓе во Македонија сѐ уште пекаат по вистински промени, по коренити реформи, по она што ни беше ветено и што и некои од нас, можеби непромислено, им го ветуваа на другите, како нешто што мора законито да се случи по смената на власта.

За некого можеби најважната работа на светот е да го снема ВМРО-ДПМНЕ, Груевски да заврши зад решетки, Мијалков да се злопати и слично, но верувајте, кај мнозинството граѓани тој филм полека поминува. Се бара и допрва ќе се бара многу повеќе.

Затоа, другари петкаши, нека ви е честита „чистата“ петка, но ве молам, за наше и за ваше добро, што ќе рече за општо добро, кога ќе дојдат тешките и болни моменти, молам овој пат да не биде како во вицот – ај да не си ја расипувам петката сега… Петката ви е дадена за трошење!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...