Соголени најмалку два квадратни километри шума (колку од Карпош 4 до Центар) од 2000 до 2013 година, пробиени патишта за моторни возила, куп депонии од несовесни граѓани, нелегална сеча, криволовење дивеч, прекумерно берење лековити и ароматични растенија.
Ваква е отприлика сегашната слика на Шар Планина која го вклучи алармот за заштита.
Македонското еколошко друштво (МЕД), Центарот за едукација и развој, Институтот за развој на заедницата, Планинарскиот клуб „Љуботен“ од Тетово и Иницијатива за граѓанска интеграција од Гостивар, обединети во платформата „Пријатели на Шара“, покренаа иницијатива – Шар Планина да се прогласи за национален парк.
Активностите почнаа во 2015 година, а во нивни рамки, кон крајот на овој месец ќе биде објавен документот „Визија за Шар Планина 2038“. Во документот ќе бидат вметнати сугестиите и предлозите што локалното население ги изнесе на трибините во Јегуновце, Врапчиште, Боговиње, Теарце, Гостивар и Тетово одржани од 26 март до 7 мај годинава.
Жителите на Полошкиот регион сакаат да се зачува Шара, а тоа го покажа и истражувањето од 2015 година кога потврдно се изјаснија 83 отсто од испитаниците.
– Шар Планина изминативе 20 години се соочува со голем број закани, особено со неконтролирано, прекумерно експлоатирање на ресурсите. Можно е еден ден веќе да нема природна вредност, да ги нема сегашните бои, вода, пејсажи, животински и растителен свет. Практично, ќе нема што да заштитиме – вели Фросина Пандурска Драмиќанин од Македонското еколошко друштво.
Според Бесник Реџепи, професор на Државниот универзитет во Тетово, Шара не само што е богата со флора и фауна, туку е многу битна и за т.н. културен диверзитет.
– Тука гравитираат различни етнички групи кои се поврзани со природата на свој специфичен начин, а тоа е богатство за нас што мора да го зачуваме – нагласува Реџепи.
Професорот ја потенцира и важноста од заштита, но и од промоција на локалните производи. Не сакам, вели, кога ќе одам на Шар Планина да пијам кока-кола, туку нешто традиционално, типично за ова поднебје.
Од скијачките друштва посочуваат дека потенцијалот на Шар Планина е огромен. Уште во 1964 година се проектирани 88 скијачки патеки со висинска разлика поголема од 1.000 метри што е норма за олимписки игри. Со минимално инвестирање, Шар Планина може многу брзо да стане водечки и врвен скијачки центар во Југоисточна Европа и пошироко.
Дополнуваат и дека врвот Љуботен е само 20 километри оддалечен од Кондово, но за ова изминативе години не е сторено ништо.
– Трагедија е што 90 отсто од нашите сограѓани наместо на Шапка, одат да скијаат во Банско, Боровец, Копаоник. Ништо не е направено изминативе 20 години за да се подобри ситуацијата на ова поле. Не сме оптимисти дека тоа ќе се случи и во наредните две децении, иако желбата е голема – напоменуваат од ски-друштвата.
Планинарите имаат сличен став. Тие укажуваат дека на Шар Планина треба да се развие рурален туризам, а неопходно е, велат, и маркирање нови планинарски патеки.
Како посебно богатство ја истакнуваат месноста Лешница, нарекувајќи ја храмот, срцето на Шар Планина. Лешница, според нив, е една од најзначајните геолошки вредности и извор на шарпланинскиот биодиверзитет.
– Во следните две децении ја гледаме Шар Планина како еколошки бисер, планинарски рај и снежна идила. Но, за да биде така, не може да се остави се на локалното население. Мора во процесот на заштита да се вклучат и надлежните, општините и државните институции – сугерираат планинарите.
Жителите на Полошко сакаат да ја видат планината чиста, со забрана за движење на моторни возила. Имаат конкретна визија и точно знаат каква треба да биде Шара за 20 години. Едно од нивните клучни барања е месните заедници да имаат одлучувачка моќ. Предупредуваат и дека малите хидроцентрали се смрт за реките и за планината.
Тие бараат и возобновување на жичарата од Тетово до Попова Шапка, одржување повеќе фестивали, културни настани, поголема промоција на локалните, традиционални производи (компир, грав, овчо сирење) и нивна достапност за евентуалните посетители, задржување на младите, развивање на еко-трузимот.
– Луѓето што се движат по планината оставаат се зад себе. Мора да се исчистат нелегалните депонии од несовесните граѓани. Треба да престане и сечењето дрва без контрола – реагираат жителите на Вешала.
Трибините во шесте полошки општини, освен што ја сублимираа визијата на локалното население за Шар Планина, детектираа и дека релативно голем дел од него не е доволно запознаено со процесот на заштита. Луѓето се плашат дека ако Шара биде прогласена за национален парк, не ќе можат да пасат и одгледуваат овци и крави, да прават сирење, да берат чаеви. Тоа, како приоритет, ја наметна потребата од поголемо информирање.
– Прогласувањето на Шар Планина за национален парк нема да го наруши животот на сточарите, ниту на собирачите на чаеви, боровинки,… Само ќе стави ред – децидна е Пандурска Драмиќанин.
Заеднички е заклучокот дека потенцијалите на Шар Планина се многу големи, не само од еколошки, туку и од социо-економски аспект. Планината се уште има дивеч, волци, мечка, дива коза, а е карактеристична и по одредени растенија како што е планинскиот чај.
Пораката на активистите е да се почитува и чува она што го создала природата – шумите, падините, реките, езерата, флората и фауната.