Ќе станеме ли една изборна единица: За разговори се спремни, но дали и за консензус?

Од претворањето на Македонија во една изборна единица повеќе ќе добијат малите отколку големите политички партии. Во постоечкиот модел една партија ако настапува самостојно и собере, на пример, 30.000 гласови на територијата на цела држава може и воопшто да не добие пратеничко место затоа што гласовите може да се расцепкани во повеќе изборни единици.

473
Photo: EPA-EFE/Georgi Licovski

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, вчера имал средба со пратениците кои покренаа иницијатива за реформа на изборниот модел за Македонија да стане една изборна единица, а премиерот Зоран Заев ќе се сретне со нив на 30 септември, најавуваат од оваа група.

Џафери, како што брифираат од неговиот кабинет, им кажал дека нема ништо против нивните барања и ги поддржува, но и оти во законодавниот дом се знаат процедурите односно, како што налага Деловникот, мора предлагачите-пратеници да подготват предлог закон и да го достави во процедура.

Групата која покрена ваква иницијатива е составена од 12 пратеници од кои еден е независен, а другите потекнуваат од 10 помали парламентарни партии. Оттаму велат дека такви закони во историјата на македонското Собрание се поднесувани, можат и тие да поднесат уште еден, но нагласуваат оти станува збор за сериозна реформа која ја водат најголемите партиите и тие како група бараат да бидат вклучени во разговорите односно во работните групи да се слушнат и нивните предлози и барања.

Мора прво да се разговара и да се постигне согласност, пред сѐ од големите партии, велат, па потоа да се крои закон, во спротивно џабе е ако се поднесува закон без нивна поддршка.

Затоа, покрај со Џафери и Заев, 12-ката побара средби и со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, Христијан Мицкоски и Али Ахмети, но засега нема најави за такви средби.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека немаат проблем со покренатата иницијатива, но треба да ги разгледаат конкретните предлози.

– Отворени сме и подготвени да ги разгледаме и да се произнесеме за барањата, нека ги испратат. Каков и да биде изборниот модел ние сме спремни и да излеземе на избори веднаш и да победиме – велат од опозицијата.

Кај нивните политички опоненти, пак, реформа на изборниот модел беше конкретно зацртана и во програмата за парламентарните избори во декември 2016-та.

„Ќе предложиме промена на изборниот модел, при што Република Македонија ќе биде една изборна единица. На тој начин ќе обезбедиме еднаквост на гласот на сите граѓани во Република Македонија, ќе создадеме шанса помалите политички партии да имаат самостоен настап наместо да зависат од предизборните коалиции и ќе ги прекинеме непродуктивните политички дебати за промена на границите кај изборните единици“, пишува во „Планот за живот во Македонија“ на социјалдемократите.

Речиси три години подоцна, реформите засега се на ниво на работни групи од власта и опозицијата, а од СДСМ посочуваат оти деновиве во Собранието фокусот е на ребалансот на буџетот и Законот за јавно обвинителство, но веруваат дека во најскоро време ќе почнат дискусиите и на таа тема.

По иницијативата од пратениците, партискиот портпарол на СДСМ, Костадин Костадинов, го повтори партискиот став за една изборна единица и отворени листи, но рече оти тоа е реформа за која е потребен консензус од сите и треба да се разговара и дебатира за тоа и со експерти и во рамки на Собранието.

Се јавија и од албанскиот блок, а со свој конкретен предлог излезе БЕСА. Пратеникот Фадиљ Зендели реагираше оти тие бараат отворени листи и три наместо шест изборни единици. Тоа, според него, е одраз на реалноста дека одредени етнички заедници гласаат во одредени региони.

Од повеќето партии кои немаат свое место во Парламентот во низа наврати е повторен ставот за една изборна единица. Вчера, Демократскиот сојуз на Павле Трајанов во Собранието поднесе и предлог-закон. Од Граѓанско-демократската унија (ГДУ) досега неколку пати го повторија ставот не само за изборните единици, туку и за намалување на бројот на пратеници.

Од претворањето на Македонија во една изборна единица повеќе ќе добијат малите отколку големите политички партии. Во постоечкиот модел една партија ако настапува самостојно и собере, на пример, 30.000 гласови на територијата на цела држава може и воопшто да не добие пратеничко место затоа што гласовите може да се расцепкани во повеќе изборни единици. Ако Македонија е една изборна, со 30.000 гласови во зависност од пресметките партијата би имала барем двајца пратеници.

Photo: EPA-EFE/Georgi Licovski

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...