Ќе си ја гризне ли ДУИ сопствената опашка?

4365

Со исцрпувањето на агендата за влегување на Македонија во НАТО, како да се исцрпува и стратегијата на ДУИ за соработка со СДСМ. Односите во владејачката коалиција се затегнуваат по сите линии на меѓусебно толерирање на „разликите“ во управувањето со земјата. И не само во „оперативна“, прагматична смисла (кадри, пари, функции…), туку се чини дека ДУИ, од својата прокламирана социјалдемократска идеолошка платформа (што и да значело тоа во минатото!), се враќа на уште понагласено засилување на националистичките, идентитетски „струни“ во својата политика.

Тоа значи дека (и) ДУИ се подготвува за избори. За нив макар и само „контролни“, претседателски. Бидејќи и самото барање за „консензуален“ претседателски кандидат е излезено од националистичката догма за „поделбата“ на Македонија.

Имено, раководството на таа партија никогаш нема да му прости на СДСМ што, на нивно конто, изгуби речиси половина од своето гласачко тело (во најголем број, етнички Албанци) на минатите локални и парламентарни избори. Бидејќи во ДУИ немаат ниту волја ниту сила да се зафатат со внатрешна партиска реформа за, евентуално, да ги коригираат вистинските причини за таквата загуба – а тие причини би можело лесно, научно да се докаже дека се во сферата на високата корупција и нивната здушна, „сијамска“ поддршка на еден крајно недемократски режим каков што беше оној на Груевски – го прават она што е секогаш полесно, односно најлесно: додај национализам на изборниот „оган“, со надеж дека гласачките страсти подобро ќе се „распалат“.

Ако на тоа се додадат и стравовите (оправдани!) дека реформираната правна држава би ги ставила барем половина од нивните раководни кадри на, специјални и обични, обвинителски листи, навистина делува „логично“ затегањето на „националната“ партиска агенда, во што би можело да вбројат разни потези, од инсистирањето на спроведувањето на лошиот, а потребен Закон за јазици, до контроверзната поделба на скудните средства за култура…

ДУИ никогаш искрено не поверуваа макар во политичкиот слоган, ако не и во практиката за спроведување на платформата „Едно општество за сите!“. Односно, поточно би било да се каже дека во етничката компонента на таа парола веруваат, но само под услов доколку ТИЕ, ексклузивно ја застапуваат, од позиција на засилено албанско чувство за стремеж кон оправдана еднаквост во општеството. Во нивната интерпретација тоа би претставувало заложба за засилен албански национализам, што директно се преточува во изборни гласови, згодно засенувајќи ја потребата од каква било друга суштинска идеолошка или политичка дебата, како што би можела да биде борбата против корупцијата, висината на даноците, подигнувањето на животниот стандард, подобрувањето на животната средина, подобрувањето на јавното здравство, унапредувањето на односите со сите соседи итн.

Па, немаат ДУИ ниту еден Имер Селмани или барем еден Таравари во своите редови! И ако ги имаат, тие бираат да си молчат. Ако, пак, Бујар Османи би можел да биде најблиску до еден таков опис, сетете се во каков незауздан радикал тој се претвори на минатите парламентарни избори, кога неговата партија уредно си го „прегрна“ албанскиот национализам како свој – подоцна ќе се испостави, промашен – изборен адут…

Бидејќи оваа клучна, националистичка компонента од суштината на нивната политичка платформа им е „узурпирана“ – со веќе изброен изборен ефект – од страна на Зоран Заев и СДСМ, ДУИ се врти во круг исцртан со креда, речиси без функционална, ако веќе не и искрена платформа со која би можела да се натпреварува на следните избори. (Дури и без разлика на тоа колку се Заев и СДСМ успешни во спроведувањето на прокламираните цели за доброто владеење.)

Со ВМРО-ДПМНЕ им беше лесно: заедно долго владееја, на секои избори пропорционално поделувајќи си ги гласовите врз основа на своите националистички заложби. Но, веќе две години се во нерешлива дилема како да ги освојат гласовите кои, тие си мислат, етнички им „припаѓаат“, кога засилените национални чувства не се курентна изборна стока?!

Добро, не е дека не се обидува Али Ахмети, малку историски, малку предизборно, да нè забавува со тврдењето дека тој бил клучната личност за постигнатиот компромис со Грција и за влезот на Северна Македонија во НАТО. А токму Ахмети се чини дека е клучниот проблем на ДУИ: без него таа партија би се распаднала на еден брутален, „калашниковски“ начин; со него никако да се реформира во модерна партиска организација, еманципирана од своето националистичко педигре.

А етничките Албанци во Македонија на ДУИ веќе подолго време јасно му ставаат до знаење дека, ако партијата инсистира нив, по силата на етничката припадност, најбројно политички да ги застапува, тие граѓани заслужуваат подобро. Многу, многу подобро.

Како што стојат работите, таа лекција на ДУИ ќе му се повтори и на следните избори.

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...