Судењето за „Таргет“-„Тврдина“ е одложено за 19 јуни. Поради економичност и целисходност на постапката судот одлучи да почека Врховниот суд во Грција да одлучи дали Горан Грујевски и Никола Бошкоски ќе бидат екстрадирани во Македонија или не.
Додека Врховниот суд во Грција не ја донесе правосилната одлука не може да им се суди во отсуство. Грчките судии одлуката треба да ја соопштат во петок на 18 мај.
Рочиштето од истите причини беше одложено и минатиот пат.
Обвинителот од СЈО Трајче Пеливанов побара од судот постапката за Грујевски и Бошкоски да се раздвои.
– Имајќи го предвид големиот интерес на јавноста за овој случај кој предизвика длабока политичка и општествена криза и тоа што двапати беше одложен почетокот на главната расправа од истите причини, неизвесно е дали и на 18 мај Врховниот суд на Грција ќе донесе одлука во однос на барањето за екстрадиција на обвинетите – образложи Пеливанов.
Судијката Џанета Бектовиќ за ова барање рече дека ќе се произнесе дополнително на наредните рочишта за да се види каква ќе биде одлуката на грчкиот Врховен суд.
Во судскиот случај „Таргет“-„Тврдина“ се споени две истраги кои ги водеше СЈО. Истрагата за предметот „Тврдина“ беше отворена на 29 март 2016 година, а за предметот „Таргет“ на 17 ноември 2016 година, а поради нивната поврзаност се споени во еден предмет. Обвинението е подигнато на 30 јуни 2017 година.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.