Ќе се утврдува дали повредениот возач бил под алкохол и исправноста на автобусот и комбето

240
ФОТО: МИА

Велешкото обвинителство синоќа изврши увид на регионалниот пат Велес – Штип, кај Ново Село, на местото каде се случи тешка сообраќајна несреќа во која едно лице го загуби животот, а 14 беа повредени.

Како што информираат од Јавното обвинителство, според првичните сознанија, до несреќата дошло кога комбе управувано од 30-годишно лице од Скопје, со кое се превезувале материјали за градежништво, движејќи се во правец од Штип кон Велес, од засега непознати причини преминало на спротивната коловозна лента. Во тој момент, во спротивната насока се движел автобус на туристичка агенција кој превезувал патници за Сончев Брег, Бугарија.

– Автобусот се обидел да избегне директен судар, движејќи се кон крајот на коловозната лента. Сепак комбето удрило во предниот дел од автобусот и се извртело целосно на спротивната коловозна лента и во спротивна насока од првобитното движење. Од незгодата на самото место починал возачот на комбето, додека 14 патници од автобусот се здобиле со повреди, вклучувајќи го и возачот на автобусот, соопшти Обвинителството.

По насоки на јавниот обвинител, подигнати се траги од местото на несреќата и издадена е наредба да се изврши обдукција на телото на починатиот. Истовремено, издадена е наредба да се изврши анализа за присуство на алкохол во крв и урина кај повредениот возач на автобусот. По наредба на јавниот обвинител ќе се изврши сообраќајно вештачење, како и машинско вештачење на исправноста на возилата.

Од МВР информираат дека несреќата се случила меѓу автобус марка МАН со кратовски регистарски ознаки, управуван од 37- годишниот М.К. од Куманово и товарно возило марка „Фолксваген Крафтер“ со скопски регистарски ознаки, управувано од 30-годишниот С.Т. од Скопје, кој починал на лице место, соопштија утрово од СВР Велес.

Возачот на автобусот М.К. се здобил со тешки телесни повреди.

– Деветнаесет патници од автобусот се пренесени во општата болница во Велес, каде по укажаната лекарска помош се пуштени на домашно лекување. Увид на местото на настанот изврши јавен обвинител и екипа од СВР Велес. По наредба на јавен обвинител телото на починатиот е предадено на обдукција, информира портпаролот на СВР Велес Верољуб Додевски.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...