Шимшировиот молец и годинава ќе ги соголува Водно и Матка, Шилегов не купил препарати

727

Нема да се прска против шимшировиот молец, кој лани ги нападна Водно, Матка и околината. Овој таканаречен молец на зеленика, кој има штетен ефект на дрвјата, засега нема да се брка.

Минатата година, по консултации со стручни лица од Шумарскиот факултет, Град Скопје изјави оти е доцна да се третира против овој инсект, дека е потребно да се следи состојбата и годинава, кога временските услови ќе бидат оптимални, доколку има потреба, да се интервенира преку авионско прскање, со посебни препарати.

– Во нашата програма не е предвидено третирање против вакви инсекти, бидејќи се нема појавено потреба за тоа, а во наредниот период ќе се направат соодветни испитувања. Доколку се појави потреба од тоа, Град Скопје ќе спроведе јавна набавка и ќе го реализира истото – рекоа за Плусинфо од Градот.

Оттаму додадоа дека имаат во план дезинсекција против комарци за што во буџетот на Градот се предвидени 30 милиони денари.

– Имаше распишано јавна набавка за Превентивна дезинсекција против возрасни форми на комарци и против ларви од комарци, на подрачјето на градот Скопје. Во моментов се врши евалуација на пристигнатите понуди, по што веднаш ќе се потпише договор и ќе започне третирањето против комарците. Стандардно, прскањето против комарци се врши од земја и авионски, а предвидено е прскање против ларви на комарци и против возрасни комарци – велат од Градот.

Со јавната набавка, велат, било предвидено пет пати да се изврши и авионска дезинсекција и од земја, против возрасни форми од комарци во период мај-септември, како и по три пати на двата начина, против ларви од комарци започнувајќи од март-април.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...