На првиот состанок на Заедничкиот интердисциплинарен комитет на експерти (ЗИКЕ) меѓу Македонија и Грција за историски, археолошки и образовни прашања одржан денеска, усвоени се Деловникот за работа и динамиката на идните средби, соопшти македонското МНР.
– Состанокот се одржа во пријателска атмосфера, во согласност со духот и принципите на Спогодбата од Преспа. Двете страни го усвоија Деловникот за работа на ЗИКЕ и се согласија за динамиката на идните состаноци. Согласно членот 8 од Спогодбата од Преспа, беше донесена заедничка одлука да се работи на отстранување на одредени референци во учебниците, коишто беа присутни во минатото, стои во соопштението.
Членови на Заедничкиот интердисциплинарен комитет од македонска страна, покрај амбасадорот Виктор Габер се професорите Далибор Јовановски, Никос Чаусидис, Људмил Спасов, Ана Чупеска-Станишковска, Фахри Рамадани и Кица Колбе.