За оние кои сакаат да веруваат во резултатите на истражувањата на јавното мислење – јас, на пример, мислам дека современиот процент на луѓето кои, свесно или несвесно, лажат во одговарањето на прашањата во анкетите е загрижувачки голем и покрај сите статистички мерки на предострожност со примена на т.н. пондерирање на резултатите – изминатите денови можеа да се насладуваат на најновата анкета за политичките трендови во Македонија изработена по нарачка на ТВ Телма и Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).
Да ја скратиме долгата приказна, со неопходно генерализирање: објавените резултати покажуваат дека Македонија е поделена земја меѓу ВМРО-ДПМНЕ и сите останати, со не многу големо, „шарено“, но функционално мнозинство испитаници кои ја поддржуваат досегашната работа на оваа Влада. Дотолку повеќе што Заев е далеку пред сите по поддршката во јавноста, оставајќи ги зад себе на безбедна статистичка дистанца скоровите на Иванов, Груевски и Мицкоски – собрани заедно! Дополнително, доколку утре се одржат избори, СДСМ би можело да се надева на победа, со благ растечки тренд меѓу етничките албански гласачи.
Велам, доколку сакате да верувате на анкетни резултати, ова истражување упатува на заклучокот дека референдумот за името во септември годинава има реални шанси за доволна излезност на граѓаните и преодна оценка за „пакетот“ со решение зад кое ќе застанат сегашните владејачки партии. Тоа е она што е важно, ако ви е важно. Другото е лук и вода.
Е, сега, фактот што Заев добил релативно ниска преодна оценка (меѓу 2+ и 3-) за успехот во раководењето со Владата изгледа како Ајфелова кула надвисната над општата и партиската, вмровска поддршка за лидерот на опозицијата, Мицкоски. Тој, Христијан – како што овде веќе се пишувало и пред да се објават анкетни резултати – мора нешто да менува, бидејќи оваа стратегија за сопствено политичко и лидерско позиционирање на сцената не му врви ниту во партијата, а ни во пошироката јавност.
На таа тема нема многу нови совети што може да му се дадат на Мицкоски, од веќе стопати повторените: додека се лепи за Груевски и за неговиот банкротиран наратив, Мицкоски нему му го одржува каквиот-таквиот рејтинг, осудувајќи се самиот за транзициона лидерска фигура која само вреви во етерот со курирската пропаганда дека државата е пред распад, во пропаст и подготвена на колективно самоубиство. Јас не сум слушнал дека која било пропаганда за блиското доаѓање на крајот на светот подигнала нечиј лидерски рејтинг во историјата на политиката. Па, да беше така, Јеховините сведоци со тврдењето дека наскоро ни следува општа катаклизма и Армагедон ќе беа главната верска приказна во светот, а не ветувањата за слаткиот рај на буџованите од Ватикан.
Сè на сè, доколку сакате да им верувате на анкетите, сега веќе и статистички знаеме дека опозицијата ни е депримирана и без истакнато водство, што не е добра ситуација за сериозноста на политичкиот предизвик за завршување на преговорите за името. Нас нè чека потреба од обединето конзилијарно мислење за здравјето на пациентот Македонија, а не конфликтни дијагнози на различни лекарски тимови кои не можат да се договорат дали болниот треба да се оперира или е доволно само да се масира. Оти, среќниот крај при операција подразбира едно, а среќниот крај при масажа нешто сосема друго…
Извор: Цивил медиа