Директорот на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу на денешната седница ги информирал членовите на собраниската Комисија за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање дека ќе се носи нов закон за Агенцијата за разузнавање, на местото на постоечкиот што е од 1995 година, а според препораките на НАТО треба да биде донесен до крајот на оваа година.
Претседателот на Комисијата за надзор над работата на УБК и на Агенцијата за разузнавање, Трајко Вељаноски, информира дека препорачале да бидат вклучени сите политички субјекти, особено опозицијата, во подготвувањето на новиот закон и да се донесе со консензус, затоа што, потенцира, е битно реформите што се прават во однос на безбедноста да бидат консензуално усвоени.
На крајот на октомври или во првата половина на ноември, зависно од термините и собраниските активности, членовите на Комисијата ќе извршат надзор врз работата во Агенцијата, информира Вељаноски по завршување на седницата, на која директорот на Агенцијата за разузнавање реферираше за кадровските решенија, како и за целокупното работење.
– Надзорот е согласно овластувањата што ги има Комисијата. Одредени прашања што беа поставени и дадените одговори ќе можат да бидат на лице место проверени – изјави претседателот на собраниската Комисија.