Ќе се испитува и смртта на битолчанецот кој почина по операција на скршеница

Jа доставивме до Министерството за здравство сета документација од лекувањето во битолската болница, каде пациентот бил и опериран, а починал откако бил пуштен дома. Момчето немало други хронични заболувања - изјавија од ДСЗИ.

451

Ќе се испитува и смртта на 34-годишниот битолчанец, кој почина пред една недела, а по операција на скршеница во Клиничката болница во Битола.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат иницираше Министерството за здравство да формира комисија за стручен надзор за овој случај.

– Ја доставивме до Министерството за здравство сета документација од лекувањето во битолската болница, каде пациентот бил и опериран, а починал откако бил пуштен дома. Момчето немало други хронични заболувања – изјавија од ДСЗИ.

Битолчанецот се повредил на скијање, при што ја искршил натколеницата, по што бил опериран во битолската болница. Но еден ден откако го отпуштиле на домашно лекување, тој починал на 26. јануари годинава. Не е направена аутопсија врз телото на починатиот.

Трагедијата во Битола ја вознемири јавноста и во овој град, но и пошироко во земјата.

Неофицијално дознаваме дека можна причина за смртта на момчето е тоа што, најверојатно, правилно не му била препишана антикоагулантна терапија, односно дека не примил ампули „клексан“ колку што било неопходно при ваква повреда и оперативен зафат.

На прашањето колку антикоагулантна терапија треба да се прима во случај на скршеница, од Инситутутот за трансфузиологија во Скопје велат:

– Има протокол за третман на болести, а нема посебно за терапија со „клексан“, сѐ зависи од состојбата на пациентот, но и од многу други причини. Кај состојба на скршеница, препораката е да се прима „клексан“ или „фраксипарин“ од 20 до 35 дена, како заштита. Но може да настане масна емболија, зависи каде ќе влезе тромбот, најчесто влегува во бели дробови, поради оштетување на крвните садови при настанување на скршеницата. Па во овие случаи, ако дел од оштетеното ткиво влезе во циркулација, тешко дека и терапија со „клексан“ може да помогне да не се случи белодробна емболија – појаснуваат надлежните на Институтот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...