Уставниот суд на денешната седница донел одлука привремено да се укине мораториумот на вкупно 31 ДУП во Општина Центар. Станува збор за речиси целата територија на општината.
Со мнозинство гласови, судиите ја прифатиле иницијативата да ја разгледуваат законитоста на одлуката за мораториум што ја донесе Општината во декември. Тие донеле привремена одлука со која се укинува мораториумот додека да се донесе конечна одлука дали тој е уставен или не.
Кога ќе се донесе конечна одлука не се знае, но праксата покажува дека за тоа ќе бидат потребни месец до месец и пол.
За потсетување, одлуката за мораториум на овие 31 ДУП општинскиот совет ја донесе на 27 декември 2017 година, а во декември 2018 со нова одлука го продолжи до крајот на април годинава.
Со мораториумот, 31 ДУП се вратија на повторна доработка, а се забрани и издавање на одобренија за градби на територија на општината.