Ќе се градат и реконструираат над 770 километри патишта

проектите за изградба на патишта кои ги започнавме како Влада се во вредност од 1 милијарда и 35 милиони евра и се во должина од 363 километри, а во 2019 година започнуваат со реализација проекти во вредност од 236 милиони евра и во должина од 421 километар - нагласи вицепремиерот Анѓушев.

444

Во Владата на Република Македонија денеска се одржа заедничка прес-конференција на којашто Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов ги презентираа плановите за изградба на модерна патна инфраструктура за 2019 низ целата територија на Република Македонија.

– Со почетокот на градежната сезона започнуваме со забрзана изградба и рехабилитација на најголем дел од патната мрежа во Република Македонија во вкупна вредност од 1 милијарда и 270 милиони евра. Станува збор за големи инвестиции во изградбата на нови патишта како и реконструкција на постоечките во вкупна должина од преку 770 километри. Оваа година започнуваме со реализација на нови проекти за изградба, рехабилитација и реконструкција на 43 патни правци, а засилено ќе продолжиме со изградба и реконструкција на веќе започнатите 27 патни правци. Продолжуваме да ја градиме Република Македонија и да ги поврзуваме граѓаните со квалитетни, сигурни и безбедни патишта – соопшти премиерот Заев во своето обраќање и додаде дека добрата и безбедна патна инфраструктура е главен предуслов за привлекување домашни и странски инвестиции и за локален економски развој.

– Автопатот Кичево-Охрид во должина од околу 60 км продолжува да се гради. Надминати се проблемите, се потпиша нов анекс на договорот со кој се заштедија 90 милиони евра и градежните работи продолжуваат до конечна реализација. Го поврзуваме Охрид како наша стратешка туристичка дестинација со Кичево и остатокот од Македонија. Ова е важно бидејќи ќе се обезбедат услови за унапредување на туризмот, за зголемување на трговската размена во овој регион којашто ќе придонесе и за рамномерен економски развој. Минатата година ја достигнавме бројката од 1 милион туристи. Овој автопат, и останатите кои ги поврзуваат нашите туристички центри се нашата инвестиција за уште поголем број туристи и економски раст – рече премиерот Заев и надополни дека придобивки ќе почувствуваат 225 илјади жители и 13 општини од југозападниот дел на Република Македонија.

Вицепремиерот Анѓушев во своето обраќање потсети дека 2019 е најавена како економска година и дополни дека изградбата и рехабилитацијата на патиштата во земјата е една од активностите потребни да се реализираат, за да се постигне економски раст. Тој потенцираше дека очекува по започнување на градежната сезона да нема ниту една слободна градежна машина во Република Македонија, а земјата да биде едно големо градилиште.

– Сите знаеме дека сите други економски сектори, освен градежништвото, во 2018 година бележеа значителен раст. Градежништвото е важен сегмент за економскиот раст и ние сме посветени да го раздвижиме овој сектор. Во овој момент, во Република Македонија се градат и рехабилитираат патишта како никогаш досега. Во 2018 година се завршени  активности на 192 км  во вредност од 30 милиони евра. Тоа не е доволно и токму поради тоа градежништвото во минатата година бележеше негативни стапки на раст. Би сакал да истакнам дека проектите за изградба на патишта кои ги започнавме како Влада се во вредност од 1 милијарда и 35 милиони евра и се во должина од 363 километри, а во 2019 година започнуваат со реализација проекти во вредност од 236 милиони евра и во должина од 421 километар. Сите овие проекти чија вкупна вредност надминува 1,27 милијарди евра, се технички подготвени, има обезбедено финансиски средства и подготвени се за имплементација. Доколку вкупните градежни активности изнесуваат од 55-60 милиони евра на месечно ниво, вклучително со активностите на приватниот сектор, ќе ги вратиме позитивните стапки на раст на градежништвото, а со тоа и повисоки стапки на економски раст – потенцираше во своето обраќање вицепремиерот Анѓушев.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески зборуваше подетално за плановите за изградба и рехабилитација на патишта во 2019 и во тој правец истакна дека ќе се вложат средства од над 1 милијарда и 200 милиони евра за изградба на патна инфраструктура во должина од над 700 км.

– Нашата цел е да нема отсечено населено место во земјава, да имаме добра и квалитетна инфраструктура каде економски бенефит ќе имаме сите ние граѓаните на Македонија. Но она што сакам јас да потенцирам е тоа што Програмата за 2019 година е уште пообемна. Околу четириесетина патни правци со вкупна вредност од преку 230 милиони евра и вкупна должина од 420 километри се подготвени за да се започнат со рехабилитација и реконструкција. Очекуваме со градежната сезона да ги ставиме во погон сите градежни компании и да се отпочне со рехабилитација на голем дел од нив.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов даде осврт на плановите и програмите што ги спроведува ова претпријатие и рече дека ЈПДП има спроведено тендерски постапки за рехабилитација на 39 патни правци кои веднаш во првиот квартал штом дозволат временските услови ќе отпочнат да се градат.

– Во 2019 се продолжува со изградбата на автопатиштата и експресните патишта со вкупна должина од 144 км и вкупна вредност од 770 милиони евра – соопшти директорот Китанов и информираше дека преку Македонија пат се рехабилитираат уште 41 патен правец со вкупна должина од 93 км во износ од 9 милиони евра.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...