На дневен ред на денешната владина седница, која треба да започне во 14 часот, ќе се најде информацијата за воведување заеднички контроли на надлежните органи на Република Македонија и Република Албанија на патниот граничен премин Ќафасан-Кафтане, односно one-stop shop.
На предлог на Агенцијата за храна и ветеринарство, министрите ќе дебатираат за правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење, со предлог-одлука, како и за правилникот за начинот на издавање на одобрение, потребната документација и висината на трошоците во постапката за издавање на одобрение за полнење и ставање во промет на природна минерална вода, изворска вода и друга пакувана вода, со предлог-одлука.
Министерството за образование за денешната седница предложи неколку точки, а меѓу нив се предлог – законот за изменување на Законот за наставници во основните и средните училишта, како и предлог – програмата за изменување на Програмата за остварување развој на дејноста во ученичкиот стандард за 2018-та година.
На седницата министрите ќе дебатираат за предлогот на Министерството за економија за поведување постапка за водење преговори за склучување на Договорот за економска соработка меѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина.
На предлог, пак, на Министерството за труд и социјална политика, Владата на редовната седница ќе го разгледа годишниот извештај за преземените активности и постигнатиот напредок за воспоставување еднакви можности на жените и мажите во Република Македонија за 2017-та година со препораки за 2019-та година.