Ќе се бара чаре за проблемот со фериботот за грчкиот остров Самотраки

315

Во премиерската палата во Атина, државниот министер Јоргос Герапетритис ќе одржи состанок со надлежните министри за да се изнајде трајно решение за фериботите до Самотраки, откако стотици туристи минатата седмица неколку дена беа заглавени на грчкиот остров, jави дописничката на МИА од Атина.

На состанокот ќе присуствуваат министрите за поморство, туризам, транспорт и врски, за внатрешни работи, како и префектот на регионот во кој припаѓа островот Самотраки.

Во попладневните часови ќе се одржи нов состанок со претставници на локалната самоуправа.

Поради дефект двата ферибота што пловат на линијата Александруполи-Самотраки, минатата седмица останаа закотвени на пристаништата, а стотици туристи беа заглавени на островот. Пристаништето на Самотраки беше полно со луѓе кои чекаа друг брод за да се вратат назад, а на островот имаше и недостиг на основни прехранбени продукти. По неколку дена бродови пуштија компаниите што сообраќаат на други релации, а ситуацијата на Самотраки полека се нормализира. Сепак, според локалните медиуми, островот претрпе штета во екот на туристичката сезона со откажувањата на резервациите да достигнат и до 50 отсто.

Островот Самотраки се наоѓа во северниот дел на Егејското море и припаѓа на општина Еврос и на областа Тракија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...