Барањето за екстрадиција за експремиерот Никола Груевски се очекува да биде проширено и за случувањата од 27 април 2017 година, за кои тој е осомничен за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Груевски е еден од петмината нови осомничени во истрагата што вчера ја отвори Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Дека шефицата на ова обвинителство, Вилма Русковска, ќе бара проширување на барањето за екстрадиција, за СДК.мк, потврдил и републичкиот обвинител Љубомир Јовески.
Покрај Груевски, осомничен е уште еден бегалец, Никола Бошковски поранешен вработен во Петатта управа во МВР, кој е обвинет во предметите на СЈО и се наоѓа во азил во Грција.
Во истрагата за организаторите и нарачателите на „крвавиот четврток“, осомничени се и поранешниот собраниски спикер Трајко Вељановски и ескминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски.
За сите обвинителството побара притвор, поранешните министри синоќа беа однесени во затворот во Шуто Оризари откако судија на претходна постапка им одреди притвор од 30 дена.
Вељановски, пак, си замина дома бидејќи е актуелен пратеник и се повикал на имунитетот. За да се спроведе распит, а потоа и да се одлучува за негов притвор, пратениците прво ќе треба да му го одземат мандатот.
ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI