Ќе се бара виновникот за смртта за ресенчанецот, со 200 евра казнет хирургот кој не примил пациентка

1445

На двете приватни ординации „Јанита“ и „Д-р Митановски“ побаравме да им биде одземена дозволата за работа од Министерството за здравство поради случајот со пациентот кој почина по операција на хемороиди, а сите документи ќе ги испратиме и до Основното јавно обвинителство за да се види има ли и кривична одговорност за овој случај, изјави д-р Ирина Бухова Сотирова, директорка на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Инспекторите уште од пред 6 години тропале на вратите на ординацијата „Д-р Митановски“ во Аеродром за да направат редовен надзор, но таму наидувале само на заклучени врати. Сопственикот, д-р Митановски, е во пензија, а ординацијата, иако  немала пријавено друг лекар, сепак ја издавала операционата сала, каде пред две недели д-р Звонко Николовски извршил и интервенција на хемороиди, која била кобна за 39-годишниот ресенчанец, кој најверојатно починал од сепса, и тоа само неколку часа откако бил примен во болницата „8. Септември“.

– И за ординацијата „Јанита“, каде е пријавен дека работи хирургот Звонко Николовски бараме да се одземе дозволата, а тој, според законот, смеел да работи само во онаа ординација за која имал дозвола, а не и во друга установа – изјави д-р Бухова.

При надзорот било утврдено и дека во ординацијата „Д-р Митановски“ немало никаква документација поврзана со интервенцијата врз овој пациент, а докторот на инспекторите им го посочил името на анестезиологот кој таму бил ангажиран.

Овој случај ќе го испитува и специјална комисија која треба да утврди имало ли пропусти во лекувањето на пациентот.

Што се однесува до претходниот, исто така трагичен случај, во кој жена почина на скопските клиники откако три дена била преупатувана од една во друга установа, ДСЗИ информира:

– Изречена е мандатна казна во износ од 200 евра на лекарот од Клиниката за абдоменална хирургија, бидејќи не ѝ овозможил здравствена заштита на пациентката, и тоа според членот 133 од Законот за здравствена заштита, иако таа била заведена како итен случај. Оправдувањето што не била примена е дека немало место во установата. За овој случај исто така инициравме формирање комисија во Министерството за здравство – изјави д-р Бухова.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...