Ќе секнат општинските тендери за фирмите на Нефи Усеини

375

Општина Охрид ќе ги раскине договорите со фирмите во сопственост на советникот Нефи Усеини, на барање на Антикорупциската комисија, поради судир на интереси.

Од Општината соопштија дека од Државната комисија за спречување на корупција, до Општина Охрид е испратен допис со мислење дека ќе настане состојба на судир на интереси доколку општината склучи договор со правно лице каде како сопственик се јавува член на Советот на Општина Охрид, а како управител се јавува член на неговото семејство.

– Во дописот пишува дека советник во советот на општината, во смисла на член 8 став 2 од Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси има статус на службено лице и извршува јавни овластувања и должности, а во насока на член 51 став 1 од истиот Закон „Службено лице во вршењето на својата функција, јавни овластувања или должности не може да воспостави деловни односи со правно лице кое е во негова сопственост или во сопственост на член на неговото семејство или во кое тој или член на неговото семејство поседува акции или удели или кое го основал тој или член на неговото семејство или во кое одговорното лице е член на неговото семејство“. Согласно член 52 став 2 од Законот за спечување на корупцијата и судирот на интереси, ако службеното лице постапи спротивно на цитираниот став 1 на овој член, на склучениот договор се применуваат одредбите за ништовност на договорот од Законот за облигационите односи.

Врз основа на ова мислење од Државната комисија за спречување на корупција, Општина Охрид ќе постапи согласно сите Законски регулативи, соопшти Општина Охрид.

Усеини е советник во охридскиот совет, а неговата фирма „Нефи Ик“ добиваше тендери од претпријатија кои се под капата на градот. За две години Усеини од општинските претпријатија добил осум тендери во вредност од 225.000 евра.

Усеини стана актуелен во јавноста по информациите дека дел од неговата пицерија кај Чинарот е дивоградба.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...