Денеска, 26 септемрви 2019 година, позитивно ќе одговорам на повикот на Македонската асоцијација на новинари за мирен протест. Повикот уследи откако Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинителен акт за оддавање службена тајна во предистрага, против Александар Митовски од порталот Инфомакс.
Не сум член на МАН. Не сум активен ни во Здружението на новиннарите на Македонија. Но, како слободен новинар, чувствувам обврска да го поддржам овој протест и да застанам зад наговото мото: „На новинарскиот збор одговорете со збор, а не со апсења и прогони!“. Затоа, во 11 часот, ќе бидам на зборното место, пред зградата на Обвинителството на Кејот на Вардар.
Потсетувам дека ЗНМ вчера најави дека ако е потребно, ќе побара Кривичниот суд во Скопје да го отфрли обвинителниот предлог против новинарот на Инфомакс, со цел да се запре постапката. Го поддржувам ставот на ЗНМ дека Обвинителството не треба да ги гони оние што ги објавиле документите, туку личноста која имала пристап до службени тајни и истите ги изнела и ги дала на медиум.
Драги мои, верувајте, утре нема да ми биде лесно. Ќе застанам покрај колеги, меѓу кои ќе има и такви кои жестоко ме напаѓаа, брутално ме клеветеа и ме навредуваа и кон мене упатуваа стрели на омраза, долги години за време на режимот на Никола Груевски. Порталот Инфомакс е еден од медиумите кои предничеа во тие атаци кон мене. Ако така гледам на работите, имам јас човечка причина да го игнорирам овој протест и мислам дека никој не би смеел да ми замери поради тоа.
Дополнително, сакам да нагласам дека јас никогаш не би постапил како новинарот на Инфомакс. Неговата постапка, од аспект на новинарската етика и на професионалните стандарди на журнализмот што јас го признавам, е грешка. Го кажувам тоа отворено, па кој сака нека се лути. Без да се впуштам во толкување на законот, ја допуштам и можноста во случајов младиот новинар да извршил казниво дело. Ако така гледам на работите, имам и многу сериозна професионална причина да го игнорирам овој протест.
Но, јас сепак ќе протестирам. И за тоа постојат три пресудни аргументи што сакам да ви ги соопштам:
Прво, иако јас и новинарот на Инфомакс очигледно различно гледаме на начинот како новинарот треба да го штити јавниот интерес, постои неспорен јавен интерес за обелоденување на фактите во документот што Митовски го објавил, повторувам – веројатно кршејќи го законот. Но, да се посетиме: опозиционерот Зоран Заев експлицитно го прекрши законот, јавно објавувајќи десетици нелегално прислушувани разговори, а таа негова постапка сите ние ја оправдавме поради постоењето неспорен јавен интерес за содржината на тие снимки.
Треба сите да имаме на ум дека правото на јавноста да знае е врховен принцип на новинарската професија, принцип од кој извира правото на слободно изразување, најважната причина поради која новинарството воопшто постои. Овој факт создава контекст во кој ние, новинарите, мора да се охрабриме и да побараме новинарот Митовски да биде ослободен од кривична одговорност за својата грешка. Меѓу другото и поради неговата младост и неопитност.
Второ, општествената штета што ја предизвикал новинарот на Инфомакс со објавување на спорниот документ е несразмерно помала од општествената штета што ќе се предизвика со обвинението, со евентуалното судење и со евентуалната осудителна пресуда за новинарот. Дами и господо, другарки и другари, колешки и колеги, јас не сакам Македонија да биде земја во која ќе се апсат и ќе се судат новинари, па дури и тогаш кога ќе згрешат или ќе го прекршат законот во вршењето на професија. Не се залагам за неказнивост на луѓето од оваа фела, но мора да го подигнеме прагот за толеранција на правосудниот систем кон новинарите и кон медиумите, а не обратно, да промовираме репресија. Ова особено во време кога се залагаме што повеќе до израз да доаѓаат саморегулацијата и обидите на новинарите самостојно да ја подигнат свесноста за одговорноста на јавниот збор.
Судските прогони на новинарите нема да ја постигнат целта, туку само ќе ја загрозат слободата на говорот и ќе поттикнат цензура и самоцензура. Во таа смисла, жестоката реакција на Обвинителството е непропорционална со престапот на новинарот на Инфомакс. Затоа, апелирам Обвинителството да го повлече обвинението и тоа да ни биде соопштено на денешниот протест. Таа одлука ќе ја дочекаме со аплауз на отворена сцена.
Трето, самиот сум сведок на зголемената и веќе неприфатлива чувствителност на актуелната власт на критики. Мислам дека е крајно време новинарите кои сакаат да го сочуваат својот личен и професионален интегритет, со мирен протест да ѝ упатат порака на власта дека на новинарскиот збор навистина треба да се одговори со збор, на лажните вести со вистинити, на неумерените критики со полемики, на новинарските грешки со одлуки на саморегулативните тела, па и со прекори од надлежните органи, но не веднаш со кривични прогони и со репресија. Тоа не ѝ личи на земја што претендира да стане членка на Европската унија.
Овие три аргументи денеска ќе ги надвладеат моите лични причини и едно грдо бреме што го носам во душата. Би сакал и некои мои други колеги да се обидат да ја преминат таа граница и да дојдат со мене, другарски да ги погледнеме во очи нашите некогашни медиумски џелати, да им подадеме рака на помирување и да им кажеме дека принципите во нашата професија се поважни и од нас самите. Тие ќе важат и кога нас ќе нѐ нема на овој свет.
Сепак, не се осмелувам никого посебно да поканам на овој протест, освен драгиот колега Томче Кежаровски, за чие ослободување се борев и со збор, и со дело, но и на протести. Кежо друже, дојди и ти, ќе стоиме заедно. Достоинствено и гордо. Како некогаш…