Ќе посегне ли Иванов по фамозниот член 11 за да ги спаси Чавков и дружината?

1615

Има ли претседателот Ѓорге Иванов дискреционо право да помилува некого, е прашањето кое повторно ја разбранува јавноста откако од неговиот кабинет потврдија дека минатата недела се пристигнати барања за аболиција на лица осудени и осомничени за настаните од 27 април 2017.

На листата за потенцијално помилување наводно се ексдиректорот на БЈБ, Митко Чавков, кој е осуден на 18 години и поголемиот дел од 16-те кои веќе добија првостепени пресуди, но и лица осомничени за „крвавиот четврток“, како Никола Груевски, Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски.

Помилувањето тој може да го протне преку фамозниот член 11 од Законот за помилување донесен во 1993 година, исто како што направи и пред точно три години кога помилуваше 56 лица опфатени во предметите на СЈО.

Меѓутоа, наспроти толкувањето од Водно, е и тврдењето на правните експерти дека тој член не постои.

Членот 11 од Законот за помилување гласи: „Претседателот на Републиката по исклучок може да дава помилување и без спроведување на постапка за помилување пропишана со овој закон кога е тоа од интерес за Републиката, или кога посебни околности што се однесуваат на личноста и на кривичното дело укажуваат дека е тоа оправдано“.

Меѓутоа, во декември 2008 година по предлог на Министерството за правда од владата на ВМРО-ДПМНЕ, во собраниска процедура влегува Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за помилување. Со овој предлог-закон се предвидуваат низа измени, меѓу кои и бришење на членот 11 од законот од 1993 година. За овие измени пратениците даваат зелено светло и тие влегуваат на сила во текот на 2009.

По седум години, во март 2016 година Уставниот суд носи одлука со која ги укинува измените кои беа донесени 2009 година односно, меѓу останатите, го укинува и бришењето на членот 11.

По ваквата одлука, по околу еден месец Иванов ја донесе одлуката за помилување на 56-те лица во предметите на СЈО. Истите дилеми се и сега кога тој на заминување во пензија може да ги чести слобода по Митко Чавков и останатите инволвирани во „крвавиот четврток“.

Оние кои сметаат дека претседателот има законска можност, своите тврдења ги објаснуваат велејќи дека со тоа што Уставен суд ги укинал измените од 2009 година со кои се избриша дискреционото правото на Иванов да помилува, практично на сила се враќа старото законско решение од 1993-та кое му го дава тоа право на претседателот.

Меѓутоа, од друга страна се и фактите дека Уставен со одлуката во 2016 само ги укинува измените изгласани во 2009 и ништо повеќе односно не го враќа избришаниот член 11, за што и нема надлежност. Во оваа насока беа и аргументациите кои ги даваа правниците пред три години посочувајќи дека не може судската власт, во случајот Уставен, да воведува или враќа на сила законски решенија туку само да укинува, а воведувањето е работа на законодавната власт – Собранието.

Ако не се повикува на членот 11, тогаш процедурата налага дека помилувањето оди единствено преку Министерството за правда, но при таква процедура тешко дека тоа би можело да заврши пред Иванов да замине од функцијата. Мандатот му истекува на 12 мај годинава, а кога се распишани избори, посочи министерката за правда Рената Дескоска, тие не препраќа никакви предмети за помилување до Кабинетот на пртседателот на државата.

– Во оној момент кога Државната изборна комисија официјално ќе прогласи дека изборите се завршени ќе може да бидат препратени барања за помилување до Кабинетот на претседателот – изјави Дескоска.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...