Ќе падне договор за препораките од ОБСЕ, ама тешко за нов изборен модел

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека имаат волја да се договорат за имплементација на препораките на ОБСЕ и ОДИХР, изработка на пречистен текст или нов закон за да се систематизираат сите измени низ годиниве во еден закон, за регулирање на работата на ДИК и подобри дефиниции околу финансирањето. 

559

Суштинските преговори за измена на Изборниот законик меѓу власта и опозицијата се очекува да почнат за две недели. Ова начелно било договорено на вчерашната иницијална средба на која учествувале министерката за правда Рената Дескоска, експерти од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и релевантните политички партии, претставници од институции и од граѓански организации.

Од Министерството за правда и од партиите потврдуваат дека е договорено да се формираат работни групи за Изборниот законик кои ќе треба да се усогласат за промена на изборниот модел, Државната изборна комисија и финансирањето на изборната кампања.

Неофицијално, мали се шансите за промена на изборниот модел, бидејќи според првичните оцени кратко е времето до изборите за толку крупна измена на Изборниот законик и поради мноштвото различни предлози кои партиите ги понудија, па оцената е дека тешко ќе се дојде до компромис.

Од Министерството за правда велат дека на вчерашниот иницијален состанок се договарала методологијата на работа во потесен состав и дека на учесниците на состанокот им бил поделен материјал со сумираните препораки на ОБСЕ и ОДИХР за измените на Изборниот законик.

Од ВМРО-ДПМНЕ не се убедени дека на власта ѝ се брза со измените на Изборниот законик. Од таму претпоставуваат дека СДСМ чека да види што ќе биде со СЈО и затоа нема поинтензивни политички разговори.

– Имаме волја да се договориме за имплементација на препораките на ОБСЕ и ОДИХР, изработка на пречистен текст или нов закон за да се систематизираат сите измени низ годиниве во еден закон, регулирање на работата на ДИК и подобри дефиниции околу финансирањето – велат од партијата на Христијан Мицкоски.

Од ВМРО-ДПМНЕ во приоритетите не го вбројуваат промената на изборниот модел, кое пак е изборно ветување на социјалдемократите.

Дескоска вчера најави дека ќе продолжи работата на работната група меѓу власта и опозицијата за измените на Изборниот законик почната лани. Таа рече дека тогаш биле направени одредени измени, кои не го виделе светлото на денот, односно не биле процесирани. И според најавата на министерката дебатата првенствено ќе биде за имплементирање на препораките на ОБСЕ/ОДИХР.

– Фокусот ќе биде ставен на ажурирањето на избирачкиот список, за изборната кампања и нејзиното финансирање, медиумското претставување на кампањите, составот на Државната изборна комисија и начинот на функционирање и за изборните модели, односно барањето за една изборна единица – рече Дескоска.

Иако една изборна единица и отворени листи ќе биде предлогот на СДСМ кој ќе го стават на маса, министерката веќе најави дека ниту една измена во делот на Изборниот законик нема да оди без согласност на релевантните политички партии.

Досега за промена на изборниот модел се лиферуваа предлози за една изборна единица, за намалување на бројот од шест изборни единици, на три, да останат шест изборни единици и предлог тие да се зголемат на осум. Освен бројот на изборните единици има предлози и за промена од пропорционален на мнозински изборен модел, предлог зад кој изминативе години стоеше ВМРО-ДПМНЕ.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...