Ќе паднат ли неутралците на газ?

Само се прашувам дали и кругови во Грција, кои недоветно се залагаат Македонија да добие „унапредено партнерство со НАТО“, наместо полноправен статус, не наседнуваат на (или можеби свесно го промовираат) рускиот план за Македонија, за „разводенување“ на нашата интеграција во Алијансата?

3754

Пред отприлика година дена, лично бев присутен на една жестока расправа, водена без многу „дипломатски ракавици“, помеѓу српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ и американскиот амбасадор во Белград Кајл Скот. Темата беше желбата за „неутрален статус“ на Србија на Балканот, како српско решение за „растргнатоста“ на нивната безбедносна и политичка агенда на Балканот. Би можело за тоа да се расплетат долги приказни, но суштината беше во тоа што Дачиќ сакаше да ја дефинира расправата за неутралноста на Србија строго во контекст на српските интереси, а Скот му се спротивстави со идејата дека, пред да се изберат интересите, треба да се изберат вредностите зад кои сака да застане едно општество и една државна заедница, врз кои, потоа, ќе ги дефинира и брани своите интереси.

Се разбира, Дачиќ и Скот, и во таа прилика, не се согласија во ставовите. Во една поапстрактна смисла, тоа несогласување ја дефинира и актуелната западна, односно американска политика кон Србија: Не можете – им рече Хојт Ји на Србите – да седите на две столчиња истовремено, особено кога столчињата се сè пораздвоени. Ќе паднете помеѓу, на газ.

Занимливо е како таа, во суштина, српско-руска геополитичка позиција за „неутралност“ на Балканот, полека се симнува накај Македонија, како што слепото црево, кога ќе пукне една мембрана што го држи во стомакот, почнува да се симнува кон мочните канали и да се воспалува. Банална е хируршката интервенција за отстранување слепо црево. Но, кога ќе тргне процесот, ако не го извадите на време, од компликациите може и да се умре.

По падот на ВМРО-ДПМНЕ од власт, по започнатите реформи во таа партија под раководство на Христијан Мицкоски, по „тврдата“ определба на Заев за интеграција на Македонија во НАТО и во ЕУ, како и по неодамнешното протерување на еден руски дипломат (и) заради неговите агресивни разузнавачки активности во земјава, ми се чини дека за главен промотор на идејата за „Македонија како Швајцарија на Балканот“, за нашата „неутралност“ помеѓу Истокот и Западот, полека се вкотвува околу претседателот Ѓорге Иванов, во оперативно „содејство“ со неколку членови на неговиот Кабинет и ним идеолошки „блиски кругови“.

Па, и не е сосема нелогично Иванов да е станат центар на руската активност во Македонија. Очекувам дека од таму, особено во периодов што доаѓа, ќе се промовира позицијата дека, ако не успее „Планот А“ за Македонија (решавање на спорот за името, зачленување во НАТО и ЕУ), ќе се активира „Планот Б“, сличен на српскиот: Македонија да стане неутрална на Балканот! И тоа повторно ќе се одвива низ српско-руските „човечки ресурси“ во земјава, главно низ познатите политички, медиумски и интелектуални мрежи, но и со „терцирања“ низ кабинетите на власта на СДСМ. Можеби за тоа беа неопходни безбедносните сертификати што Кабинетот на претседателот сакаше да им ги издава на некои македонски новинари?

Ќе биде занимливо да се следи како, одеднаш, во наредните недели и месеци, од сите можни агли на општеството и државата, дополнително ќе се „пробудат“ и засилат позициите кои ќе почнат да морализираат за „гнилоста на Западот“, за неговите морално-политички двојни стандарди, за тоа дека Македонија е жртва на западните заговори, дека ќе нè снема, дека Албанците… итн.

Еве, за илустрација, за да видите како ќе изгледа тоа, прочитајте ја сторијата што вчера ја објави off.net.mk („Сирија, лаги и видеоклипови“), за да видите како вешто делува руската спутник-државна пропаганда преведена на коректен македонски јазик, со блага руска дикција. Ќе се занимаваме ние од тоа дека „НАТО е добро, ама неутралноста е уште подобра“, до тоа дека ќе сме испраќале македонски војници на боиштата во Сирија… Ќе има во тој пропаганден „супермаркет“ за секого по нешто!

Ако не ми верувате мене, сега сè ќе ви раскаже и Јанко Бачев, кој само што се врати од прошетка по разни ходници во Москва, со свежи инструкции.

Но, истовремено, гледам дека и Владата разбира за која фаза се подготвуваме. На пример, на минатата викенд-конференција за медиумите што ја одржа Заев со соработниците, министерката за одбрана Радмила Шекеринска директно, „во чело“, ја истретира темава: „Во овој период – вели Шекеринска – сме фокусирани на Планот А, а тоа е наоѓање решение, наоѓање на шанса да ги почнеме преговорите со Европската унија и да обезбедиме покана за НАТО. Сметаме дека во оваа фаза дискусии на тема План Б можат да ја испратат погрешната порака дека Македонија е подготвена да се задоволи и со нешто друго.“

Следниот ден, владиниот координатор за НАТО-интеграција Стево Пендаровски, во интервју за Радио Слободна Европа, ќе заокружи дека „ние имаме цел сет причини зошто сакаме да бидеме дел од таа Алијанса и зошто сакаме да бидеме дел од ЕУ. Не за да бидеме закана за некого, туку за да бидеме дел од една организација, каде што членките споделуваат вредности. Тоа е една извикана категорија која луѓето мислат дека е апстракција, а не е.“

Само се прашувам дали и кругови во Грција, кои недоветно се залагаат Македонија да добие „унапредено партнерство со НАТО“, наместо полноправен статус, не наседнуваат на (или можеби свесно го промовираат) рускиот план за Македонија, за „разводенување“ на нашата интеграција во Алијансата? Треба ли ние на Грците да им ги толкуваме зборовите на Вес Мичел, американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија, искажани при неодамнешната посетата на Скопје, дека македонската приказна е важна за нас, граѓаните на Македонија, но е многу поважна за западниот интерес на Балканот? Или на Грците повеќе би им одговарала наводната идеја на Ердоган и на Иванов овде, наместо НАТО, да отвориме турска воена база?

Бидејќи Шекеринска на 1 мај ќе се сретне во Вашингтон со американскиот министер за одбрана, генералот Џејмс Матис, очекувам дел од разговорите да се посветат и на оваа тема: дека Македонија своите интереси ги гради врз основа на вредностите за кои се застапува, а не обратно.

Како што тоа го заговараат, на пример, Дачиќ, Русите на Балканот, но и нашиот омилен фалиран претседател.

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...