Ќе остане ли Касами единствен со „албански“ услови за поддршка на уставните амандмани?

1403

Само Беса на Билал Касами јавно потврди дека кон уставните амандмани за Договорот од Преспа ќе приложи и свои амандмани за унапредување на албанските позиции во државава, откако Собранието ја почна процедурата за промена на Уставот. Беса е можно и да ја услови својата натамошна поддршка на уставните амандмани доколку дел од промената на Уставот не бидат и нивните барања.

Алијансата на Албанците на Зијадин Села засега не потврдува дали ќе поднесе свои амандмани иако претходно јавно порача дека кон пакет амандманите за името ќе имаат и свои.

Од партијата на Села не откриваат ни дали ќе дадат виза на амандманите за името доколку мнозинството не се согласи со нивните барања.

Наспроти опозициските Беса и Алијанса за Албанците, владеачките ДУИ, Беса на Африм Гаши и ДПА на Мендух Тачи се на ставот дека приоритет за државата во овој момент е решавањето на спорот за името и нема да го условуваат процесот со албанското прашање.

Пратеникот на опозициската Беса, Фадил Зендели изјави дека партијата го поддржала Договорот од Преспа и дека биле дел од мнозинството од 80 пратеници кои дале виза да почне постапката за носење на одлуката за иницирање на уставните измени.

– Сметаме дека е важен чекор за државата да се трансформира во демократско општество каде ќе бидат сочувани и интегрирани европските вредности. Ние навестивме дека ќе бидеме дел од дебатата за уставните измени, но и дека ќе интервенираме со наши амандмани, кои ги засегаат правата на Албанците. Не дека го искористуваме овој момент, но 28 години по осамостојувањето на Македонија, сметаме дека е долг период и правата на Албанците не може и натаму да бидат одолговлекувани и оставени за некои поубави времиња. Во овој момент се отвора Уставот и сметаме дека е време некои од овие политички теми да бидат дел од дебатата и да се усвојат, за да може некои од овие прашања да се решат. Албанскиот јазик не може да биде дел од проценти, туку албански јазик – рече Зендели.

Но, тој не прецизира дали ако не се прифатат нивните амандмани ќе ја повлечат поддршката на амандманите за името.

Беса бара албанскиот да биде службен јазик и да не биде наведен како јазик на 20 проценти, туку како албански.

Плусинфо веќе објави дека Касами за „албанските“ амандмани ќе бара поддршка лично од лидерот на ДУИ Али Ахмети. Според информациите, средбата Касами-Ахмети треба да биде деновиве.

Села иако неодамна најави дека ќе имаат свои амандмани, Алијансата сега тактизира.

Села бараше во Договорот од Преспа, за националноста, во патните исправи, каде што стои Македонци/граѓани на Република Северна Македонија, да стои Албанци/граѓани на Република Северна Македонија. Лидерот на Алијансата тогаш рече дека ќе бараат и во Преамбулата сите народи да се чувствуваат еднакви.

Владеачката ДУИ е децидна дека процесот на решавање на спорот за името е од апсолутен приритет и тоа е најзначајниот процес од осамостојувањето до денес. Пратеникот Артан Груби веќе изјави дека нема да дозволат за дневнополитичко профитирање да се загрози интегрирањето на Македонија во НАТО и ЕУ.

Од Беса на Гаши велат дека се фокусирани на спроведување на амандманите за името.

– Кога веќе успеавме да го отвориме патот за уставни измени, сега за нас е важно да се исполни ветеното од Договорот од Преспа и Македонија да се зачлени во НАТО. Ние сме фокусирани на ова, бидејќи мислиме дека во моментов нема повисок интерес за Албанците во Македонија од зачленувањето во НАТО – ни изјави портпаролот Орхан Муртезани.

Од ДПА изјавија дека нема промена на нивниот став дека го поддржуваат Договорот од Преспа.

Доколку освен Касами и Села ја услови поддршката со прифаќање на „албанските“ амандмани, мнозинството ќе остане покусо за четири гласа во натамошните фази на носење на уставните амандмани. Во таков случај владеачката коалиција повторно ќе треба да ја активира „убедувачката“ мисија кај пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за потребното двотретинско мнозинство.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...