Ќе одговара ли кривично реисот кој Македонците ги нарече див народ без идентитет ?

744

Во Јавното обвинителство пристигнала документацијата од МВР во случајот со Реисот Сулејман Реџепи против кого Хелсиншкиот комитет поднесе кривична пријава поради говор на омраза.

Реџепи на поставувањето на камен темелник на џамијата во скопското село Арнакија изрече навреди за македонскиот народ, што крена лавина од реакции и загриженост дека поглаварот на ИВЗ запали фитиљ како сериозна закана за соживотото во земјава и дека шири верска и национална нетрпеливост.

– Нам не ни пречи да градат цркви, но никогаш нема да молчиме кога не попречуваат во градењето на џамиите. Замислете вие со каков див народ живееме. Овие се безпримерен див народ, затоа немаат идентитет и нема да имаат никогаш, без разлика дека ние сакаме да им помогнеме. Не се помага, бездушниот, не се освестува- изјави приот човек на ИВЗ , а подоцна се правдаше дека бил погрешно протолкуван, односно дека неговата изјава била извадена од контекст. Наводно дека калификациите „див и непримерен народ без идентитет“ не се однесувале на Македонците, туку само на жителите во селото Лажец.

Изјавата на поглаварот на ИВЗ ја осуди Владата како и Комисијата за односи со верски заедници.

– Материјалите од МВР се распоредени кај належен јавен обвинител кој постапува во насока на утврдување на наводите од пријавата – велат од Јавното обинителство, а  дополнително ќе информира дали ќе бара кривична одговорност од реисот Реџепи кој на социјалните мрежи објави видео од настанот каде што го држел спорниот говор.

Претходно и Секторот за компјутерски криминал во МВР го истражуваше случајот откако Хелсиншкиот комитет реагираше со пријава.

Пратеникот Мухамед Зекири кој го повика обвинителството да отвори истрага по изречениот говор на омраза упати отворени критики за реисот, но и до имамите.

– Резил улема Сулејман Реџепи позицијата поглавар на ИВЗ ја има узурпирано со калашникови, со закани и сеење страв. Повеќе од 10 години трае неговото самоволие во таа институција. Иако е најповикан да постапува во склад со тоа на што нè учи исламот, имено да биде праведен и да ги почитува различностите, тој го прави токму спротивното – вели Зекири.

Реџепи пред десетина дена се закани дека ќе ги информира верниците во 700 џамии во земјава дека се дискриминирани и дека по изборите ќе бара решавањето на стаусот на спорените верски објекти.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...