Ќе има ли нова Светска војна?

6483

Поради убиство на еден битен непријател, кој инаку ти бил доверлив соработник, Америка си ја загрози позицијата и животите на своите граѓани во сојузничка земја, односно Ирак.

Тензиите траат со месеци, киднапирани танкери, тајни убиства, прокси војни, израелско-саудиското зближување и судирите во Сирија и Јемен, да не збориме за потопениот нуклеарен договор од страна на Трамп.

Иран успеа да излезе на Медитеранот, да стане фактор во Сирија и Ирак, покрај Западниот Брег и Либан, но само и единствено поради погрешните воени политики на САД и нивното нездраво трошење пари, ресурси и животи, на промена на режими и демек градење демократии.

Ирак кој требаше да е пример за успешноста на таа политика е пред граѓанска војна. Авганистан е изгубен веќе 10 години, Либија е поделена на три дела, Либан е пред колапс, Сирија е во рацете на Москва и Техеран.

И сега ваков глуп чекор, кој претерано се нагласува како некоја увертира во Трета Светска војна, но кој останува глуп и штетен и за американските, и за европските интереси.

Иран не може да се освои копнено. Иран географски е неосвојива тврдина. Да, во Иран има сериозни протести, сериозна економска криза, стотици мртви од режимот, но тоа не значи дека со ваков потег ќе падне режимот. Напротив, ќе се зајакне и тоа не само во своите граници.

Останува опцијата на ограничен нуклеарен напад, но такво нешто не само што ќе доживее општа осуда, туку сериозно би инволвирало и други, поголеми воени сили.

Е тогаш може да зборуваме за нова Светска војна.

Америка е поделена како никогаш досега, Белата Куќа и Пентагон се во отворен судир, Трамп нема консистентна политика и наликува на шизофрен лидер. Ги нема дури ниту јастребите како Болтон околу себе. Едноставно е оставен сам, без стратешки планери, пред импичмент и сам презема чекори кои повлекуваат прашања на војна и мир.

Америка не е воената машина и хушкач кој го познававме и таа фаза заврши со Буш помладиот.

Америка е само збунета и неодлучна, а таквите светски актери секогаш се најопасни. Така се станува авантурист, улога што не и доликува на најголемата светска сила.

Кина мудро ќе гледа од страна, иако свесна колку има инвестирано во Иран, нема да мрдне со прст, ќе остави да се создадат нови рушевини, кои само повеќе ќе молат за кинески пари.

Москва е небитна, но се надева да биде медијатор, Претворена во играч од секундарна важност, Русија останува да прави опортунистички сојузи со кои оди во потрага по своите краткорочни интереси.

Ријад е усран, заглавен до гуша во Јемен, лесна мета на иранските дронови и сили. Ќе молчи и ќе се моли да помине нечепнато.

Единствено задоволен делува Израел, но и нивните проценки не се од најрозевите, безбедносно знаат дека ќе платат цена.

Кога проработува оружје, Европа не постои, може само да испраќа апели и да гледа како нуклеарниот договор заминува во историја.

Тажен почеток за оваа 2020-та.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...