Ќе извисат ли независните за изборите?

Во пратеничката група што произлезе од ВМРО-ДПМНЕ , а чии членови дадоа поддршка за имплементацијата на Преспанскиот договор, се разгледуваат модалитети за можно учество на престојните избори за пратеници

4213

На помалку од еден месец пред распуштањето на парламентот, во независната пратеничка група се разгледуваат можностите за евентуално учество на престојните избори. Соговорници од оваа пратеничката група засега немаат одговор дали и како би се кандидирале за уште еден пратенички мандат на изборите на 12 април. Или, пак, овој датум ќе значи нивно збогување на политиката – барем на одредено време.

-Отворени се сите опции. Моментно сме фокусирани на нашите проекти и предлог-закони што во овој период ќе ги претставиме во Собранието – велат независни пратеници.

Еден од тие проекти е предлог-законот со кој, според проценките на „независните“, следната година ќе се намали загадувањето за 50 проценти. Со предложеното  законско решение се предвидени повеќе мерки, како воведување на забрана за греење на дрва, мазут и јаглен во урбаните средини…

Пратеничката група која произлезе од ВМРО-ДПМНЕ сега брои седум членови, откако пратеникот Зеќир Рамчиловиќ реши да дејствува сосема независно, по што беше избран и за потпретседател на парламентот. Сепак, како што наведуваат независните пратеници, односите со Рамиловиќ и натаму се „мошне коректни“.

Кандидатските листи за пратеници треба да бидат доставени во ДИК околу средината на март (25 дена пред изборите кои ќе се спроведат по скратени рокови). Подносители на листите може да бидат регистрирани политички партии или група на граѓани кои би собрале по илјада потписи во една изборна единица.

Една од можностите за настап на независните пратеници или барем на дел од нив на престојните избори е да влезат во коалиција со некоја од поголемите партии и да обезбедат кандидатури на заеднички листи за пратеници. Проценките се дека шансите за коалиција со ВМРО-ДПМНЕ се минимални во овој момент, како и можноста за враќање на независните пртаеници во матичната партија, од каде што беа исклучени кога дадоа поддршка за уставните амандмани што произлегоа од Преспанскиот договор.

Другата варијанта е на изборите да се обезбеди соработка со СДСМ, од каде што пред извесно време дојдоа најави за можно проширување на коалицијата. Но и таа опција моментно е прашање на проценка што би добил, а што би изгубил СДСМ, од евентуалната предизборна соработка со независната пратеничка група, во чии редови има и пратеници кои беа амнестирани за настаните на 27 април – спроти гласањето за финалната фаза од уставните измени.

Отворена е и можноста за формирање нов десничарски политички субјект. Сепак, недостаток на оваа опција е кусиот период до предвремените избори. Од тој аспект, моментно најизводлива изгледа опцијата за независен изборен настап на независните пратеници, преку собирање потписи за поднесување на кандидатурите во ДИК. Во таков случај, поверојатно е да се оди со кандидатска листа во само една или во дел од вкупно шест изборни единици, каде што ќе се процени дека има шанси да се обезбеди пратенички мандат.

Пратениците од независната група се дел од иницијативата за промена на изборниот модел и за воведување една изборна единица, со што би се отворил поголем простор за самостоен настап на помалите политички партии на парламентарни избори, односно би се спречило раситнување на гласовите. Сепак, со оглед на опструкциите на кои наиде предлогот за една изборна  единица, што пред се ДУИ, но и ВМРО-ДПМНЕ го „осуетија“ преку поднесување илјадници амандмани, извесно е дека и престојните избори ќе се спроведат според стариот пропорционален модел – со шест изборни региони, од кои се делегираат по 20 пратеници.

Парламентарните избори во 2006 беа последните на кои три помали и новоформирани партии (ВМРО-НП, НСДП и ДОМ) обезбедија  места во парламентот настапувајќи самостојно на изборите, наспроти големите блокови на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ. Во годините потоа, единствено ГРОМ во 2014 година обезбеди еден мандат преку самостоен изборен настап. Сите други помали партии, во последните повеќе од десет години добиваа пратенички места настапувајќи на заеднички листи со двете најголеми партии. Исклучоци имаше единствено во албанскиот политички камп, каде што од избори на избори се отвора шанси и за одреден пробив на новоформирани партии.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...