Ќе заиграме ли чочек и за датумот во март?

Сè уште е рано за да се прославува успехот, особено ако се земе предвид фактот дека само во изминатите две години Европската Унија има испратено вкупно шест позитивни мислења за Македонија, коментираат аналитичарите.

1847
Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI
Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Европската комисија (ЕК) уште еднаш даде позитивно мислење за почеток на преговорите на Македонија со Европската унија. Во комбинација со ревидираната преговарачка методологија на која инсистираше францускиот претседател Емануел Макрон, домашните политички аналитичари сметаат дека ваквиот позитивен извештај би требало да биде сосема доволен за македонскиот народ конечно да се израдува.

Сепак, додаваат тие, сè уште е рано за да се прославува успехот, особено ако се земе предвид фактот дека само во изминатите две години ЕУ има испратено вкупно шест позитивни мислења за Македонија.

Најпрво тоа се случи во април 2018 година кога ЕК препорача отворање на пристапните преговори со Албанија и со Македонија, а два месеца подоцна, во јуни истата година, Советот на ЕУ го призна напредокот и го отвори патот за почеток на преговорите во зависност од остварувањето напредок во клучните области. Во мај 2019 година, Советот ја одложи одлуката за во јуни истата година, а потоа и за во октомври, кога одлучи да му се наврати на прашањето за проширување пред мајскиот Самит во Загреб годинава.

Првиот министер за надворешни работи, Денко Малески, во изјава за Плусинфо вели дека во изминатите две години Македонија дури петпати била „истуширана“ и изневерена, но дека овојпат, по објавувањето на најновиот позитивен извештај на ЕУ, земјава конечно ќе може вистински да се израдува на почеток на преговорите.

– Мислам дека овојпат е дојден „ножот до коска“ и дека земјава конечно ќе ги исполни своите цели. Сите сигнали укажуваат на успех. Французите се подготвени да го симнат ветото со оглед на тоа што се прифати нивната нова методологија. Во меѓувреме, сите европски земји можеа да се уверат дека ни е потребна нивната поддршка за да се извлечеме од оваа наша балканска кал, како и да сфатат дека за толку кратко време и со сопствени сили не можеме да го направиме она што тие го бараат од нас. Мислам дека таквиот позитивен дух сега преовладува и дека сè ќе заврши добро – објаснува Малески.

Тој смета дека конечната одлука ќе ни биде соопштена пред одржувањето на мајскиот Самит на ЕУ во Хрватска.

– Мислам дека Советот на ЕУ уште во март годинава ќе нè информира за тоа како стојат работите. На тој начин тие ќе се обидат да ја исправат грешката што ја направија лани во октомври, кога ни ветија датум, а потоа се премислија. Така што, од она што јас го имам слушнато е дека одлуката ќе биде донесена во март, секако, влијаејќи позитивно на нашите избори закажани на 12 април – вели Малески.

Инаку, во најновиот Извештај на ЕК беше испишана висока оценка за Македонија кога станува збор за исполнувањето на реформите во судството, администрацијата и службите за разузнавање и безбедност. Таму е наведено дека земјава постигнала напредок во сите области и дека затоа ЕК бара од Советот да донесе позитивна одлука за почеток на преговорите со ЕУ.

Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...