Ќе дувне ли шпански ветер во грбот на СДСМ?

Постојат реални шанси сегашниот состав на македонското Собрание да успее да го ратификува протоколот за НАТО, но сепак, не смееме да заборавиме дека целата оваа работа многу зависи и од брзината и волјата на шпанскиот парламент, коментираат експертите.

1391

Ќе успее ли сегашниот состав на македонското Собрание да го ратификува протоколот за членство во НАТО пред да се распушти на 11 февруари? Според политичките аналитичари, шансите да се случи такво нешто се огромни, но сепак, како што велат, целата работа во моментов зависи од ажурноста на новата Влада во Шпанија.

Експертите објаснуваат дека членството на земјава во Алијансата е веќе одамна завршена приказна и дека за нас сега воопшто не игра пресудна улога прашањето дали протоколот ќе биде потпишан сега или за неколку месеци.

Но, потенцираат тие, токму ова прашање е особено важно за владејачката СДСМ, бидејќи официјалното пристапување на земјава во НАТО ќе претставува нејзин главен адут во пресрет на предвремените парламентарни избори закажани на 12 април.

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски вели дека членството на земјава во НАТО пред 12 април ќе значи силен ветер во грбот на СДСМ во пресрет на изборите.

– Постојат реални шанси сегашниот состав на македонското Собрание да успее да го ратификува протоколот за НАТО, но сепак, не смееме да заборавиме дека целата оваа работа многу зависи и од брзината и волјата на шпанскиот парламент. Во секој случај, членството на Македонија во Алијансата пред изборите дефинитивно ќе претставува силен ветер во грбот на СДСМ, но ако парламентот не успее да ја заврши работата до февруари, тогаш тоа ќе значи огромен минус за владејачката партија во поглед на кампањата. Од друга страна, пак, членството на Македонија во НАТО пред или по изборите не игра воопшто никаква улога за опозициската ВМРО-ДПМНЕ – објаснува Пекевски.

За амбасадорот на Македонија во НАТО, Дане Талески, не постои сомнеж дека земјава ќе стане полноправна членка на НАТО пред да се одржат изборите.

– По изборите на новата Влада во Мадрид постојат стабилни политички услови за да ја затворат нивната ратификација на протоколот. Владата го утврди текстот за ратификација на Вашингтонскиот договор и тој е пратен во Собранието. Тоа значи дека и ние сме подготвени за ратификација. Јас сум потполно сигурен дека нашето членсство ќе го заврши Собранието во овој формат, пред да се распушти – истакна Талески.

Висок оптимизам постои и кај собранискиот спикер Талат Џафери, кој во изјава за Телма рече дека сега е многу полесна и појасна процедурата за ратификација на протоколот за НАТО.

– Очекуваме во најкус можен рок Шпанија да го ратификува протоколот, а целата постапка кај нас да заврши до 12 февруари. Во овој момент нема потреба да се брза со предвремена ратификација. Владиниот предлог е во процедура, но нема индикации дека е неопходно предвреме да се постапува – изјави Џафери.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...