Ќе гласам ЗА и тука завршува сè – во сè друго оваа власт потфрла!

5848

За или против повеќе е погрешна дилема, празна, истрошена.
Тие што стискаат на тоа копче, само се заборавија во улогите. Тие што контрираат, исто така.

И честитам на оваа власт, го дотепа ВМРО на нејзин терен. Ги згази на патриотизам, ги стигна во криминално поведение и кршење на демократскиот дух, или барем запоставување на неговото градење.
Во име на виши интереси, можеби.

Тоа што мене ме мачи е едноумието кое повторно се форсира, можеби кај некои и за добра кауза, ама не личи.
Основниот проблем останува дека ниту еден искрен и прогресивен човек не може да најде реален мотив, надвор од ЕУ и НАТО, зошто да го поддржи однесувањето на оваа влада. ЕУ и НАТО ви станаа параван за се.

Животот почнува после ЕУ и НАТО, да се надеваме дека тогаш ќе запре и криминалот, ќе почне соочувањето со него, ќе запрат диловите дали со коалицијата или опозицијата кога во прашање се партиските интереси, ќе запрат самоволието и тесните логики, уништувањето на природата и животната средина, се она што системски не мачи и не се решава.

Вака како што одиме можеби ќе успеме во нашите стратешки определби, но тешко дека ќе ги оправиме нашите системски болести. Впрочем и оваа власт и нејзиното однесување се најдиректниот доказ, дека двете нешта не се комплементарни, во најдобaр случај се конјуктурни, во вашиот случај, прашање на политичка коинциденција, опортунизам, интерес.

Ќе се изјаснам и ќе гласам ЗА на референдумот, ќе честитам уште еднаш на одлично сработениот договор, на сфаќањето на државниот интерес да се интегрираме. И тука завршува се, зошто како што реков, оваа власт во се друго потфрла и не води политика во интерес на своите граѓани. Води политика пред се за својот тесен интерес кој се поклопува со стратешките интереси на земјата.

Тоа е важно, но тоа не е се. Се надевам ќе ја откриете и таа димензија, не од опортунизам, туку како вистинска определба. И по ризик да звучам контрадикторно, верувам некој ќе ја разбере и оваа позиција.

(ФБ статус на авторот)

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...