Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески за денеска свика седница на Стручниот колегиум на јавните обвинители на кој ќе се расправа што понатаму со истрагите на Специјалното јавно обвинителство, а по објавеното правно мислење на Врховниот суд на Република Македонија.
На седницата ќе се разгледува барањето мислење од колегиумот на судии при Основниот суд Скопје 1, за начелното правно мислење на Врховниот суд на Република Македонија од 30 јануари годинава.
Седницата, како што соопшти ЈОРМ, е свикана во проширен состав, односно покрај Јавниот обвинител на Република Македонија и јавните обвинители во Јавното обвинителство на Република Македонија ќе присуствуваат и вишите јавни обвинители на Вишите јавни обвинителства и јавниот обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Кривичниот суд Скопје вчера побара од државниот јавен обвинител Љубомир Јовески да се произнесе кое обвинителство може во иднина да постапува како овластен тужител во предметите поднесени од Специјалното јавно обвинителство.
Од Судот посочуваат дека, сé до произнесување на државниот јавен обвинител дали предметите ќе останат во надлежност на СЈО или ќе бидат преземени од Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, Основниот суд Скопје 1 – Скопје во сите предмети постапува согласно одредбите од ЗКП, а за предметите на СЈО добиени по истекот на рокот за кој милење даде Врховниот суд на РМ, кои се итни и неодложни ќе одлучуваат надлежните кривични совети, сé со цел да не дојде до непотребно одолговлекување.