Ќе ги ловиме слободните патувачи со храна, вино и со природни убавини

Целта е да се зголеми на 5 отсто учеството на овој сектор во домашниот бруто производ (БДП).

470

Понуда која ќе биде достапна за слободните патувачи кои сочинуваат 52 отсто од туристите во светски рамки, развојот на винските региони кои ќе им бидат понудени на туристите, потоа алтернативниот и пештерскиот туризам, како и веќе актуелниот бањски и езерски туризам ќе бидат во фокусот на институциите одговорни за туризмот во земјава следните години. Дополнитлено треба да се размислува да се обезбедат и други услови кои ќе овозможат полесно доаѓање на туристите. Визниот режим кон земјите од кои доаѓаат најмногу туристи треба да се промени и олесни.

Ова го посочија денеска претставници на институциите задолжени за развој на туризмот на тркалезната маса организирана од Стопанската комора. Нивна цел, како што рекоа, е да се зголеми на 5 отсто учеството на овој сектор во домашниот бруто производ (БДП).

Оваа цел, рече државниот секретар во Министерството за економија Зоран Павлевски е остварлива, ако се знае дека сегашните бројки се добри, а во 2020 година се очекува скок во туризмот од 5 до 7 отсто и зголемување во бројот на ноќевања од 7 до 10 отсто.

– Туризмот остварува 2,5 отсто од БДП, а она што е планирано за следниот период може да придонесе за дополнителен развој и приходи во секторот. Планираме да го развиваме алтернативниот туризам преку изградба на нови две до три велосипедски патеки со сите стандарди, отворање на најмалку една пештера за туристи и воспоставување нови вински патишта во Гевгелиско-валандовскиот, Велешкиот, Штипско-радовишкиот, Кратовскиот, Кумановскиот и Охридско-струшкиот регион – рече Павлевски.

Тој информира дека наредната година поддршката на туризмот ќе изнесува 36 милиони денари. Планирани се 20 мерки кои ќе се развиваат и поттикнуваат.

Диртекторот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Љупчо Јаневски рече дека тие ќе се фокусираат на привлекување на слободните патувачки туристи кои во светски рамки се проценува дека се 52 отсто од вкупниот број туристи.

– Овие туристи во последен момент резервираат каде ќе патуваат и затоа наша цел ќе биде да им ја презентираме убавините на земјава. Нашата земја е можеби последната неоткриена дестинација во Европа. Се фокусираме и на онлајн презентацијата во повеќе земји, а винскиот туризам и натаму ќе биде цел на промовирање. Дополнително ќе ги означиме и 10-те најкачувани врвови во државата, а првпат ќе издадеме и Водич за бег-пекери – рече Јаневски.

Тој потсети дека од денеска почнува онлајн промоцијата на македонските туристички потенцијали низ балканските земји, а стартот е од Словенија и Бугарија.

Јаневски очекува земјава во наредните години да ја посетат повеќе од 1,3 милиони туристи и да се приближиме до бројката од четири милиони ноќевања што, според него, укажува дека девизниот прилив треба да биде над 400 милиони долари.

Елена Младеновска, директорка на Здружението „Вина од Македонија“ смета дека винскиот туризџам треба да се надополни со гастро можностите што ги нуди земјава, но при тоа треба да се има предвид дека државата треба да обезбеди предуслови за развој на туризмот. Тука, смета таа, треба да се размисли и за визниот режим кон земјите кои се потензијал за привлекување туристи

– Кинеските туристи се присутни во регионот, но земјава ја заобиколуваат зашто за влез им треба виза. Во таа насока и треба да се размислува – рече Младеновска.

Земјава, според Елена Петкановска од Министерството за локална самоуправа, треба да се обиде да го развива регионалниот туризам каде што ќе се внимава и на квалитетната понуда покрај квантитетот.

– Веќе се обезбедени 18 милиони евра од Евопската унија и уште околу 2 милиони евра од владата за развој на регионите каде што ќе се обезбеди инфраструктура и достапност на локалитетите – рече Петкановска.

Тркалезната маса треба да даде одговор на прашањето и какви субвенции и што ќе се субвенционира во наредните години во туризмот преку анализа на досегашното субвенционирање.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...