Партиите се затечени од предлогот на претседателот на државата Ѓорге Иванов да му се даде втор мандат за гуверенер на Народната банка на Димитар Богов. Пратениците, пак, реагираат што не се консултирани од претседателот. Од ваквата ситуација, според нив, може да произлезе проблем да не се изгласа гуверенр, што ќе биде лоша слика за земјата.
Вчера, премиерот Зоран Заев изјави дека на средбата со Иванов што ја имал неодамна станало збор и за изборот на гувернер, но дека како партиски лидер кој го предводи парламентарното мнозинство очекува нова средба за ова прашање.
– Ако не со мене, очекував барем да се консултира со координаторите на пратеничките групи. Но, во понеделникот слушнав дека Иванов го подготвил предлогот – изјави Заев.
Премиерот за денеска најави координација со парламентарното мнозинство од што треба да произлезе конечен став.
– Ред е да ги слушнеме и размислувањата на пратениците кои треба да решаваат за изборот на гувернер. За мене е најважно да се овозможи независност на НБРМ и стабилен курс – рече Заев.
Од пратеничката група на СДСМ велат дека денеска немале координација за да го разгледаат предлогот на претседателот Иванов.
– Не сме имале координација на пратеничката група за прашањето – вели координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев.
Пратеникот од ДУИ, Артан Груби, не ја коментира стручноста на Богов за гувернерското место, но му забележува на претседателот Иванов за тоа што не се консултирал со пратениците околу ова прашање.
– Уште еден неконсултиран и избрзан предлог на Иванов. За жал, Иванов ја отежнува кохабитацијата во последните месеци од неговата политича кариера и не дава конструктивен државнички придонес во овие пресудни моменти за нашето општество – вели пратеникот Артан Груби.
Претседателот Ѓорге Иванов пред празникот до Собранието достави предлог Димитар Богов повторно да биде избран за гувернер на Народната банка, но исто како и во 2011 година кога го предложи за првиот мандат не ги консултираше парламентарните партии.
Тоа во 2011 година беше причина ДУИ да не гласа за изборот на Богов за гувернер, а може да биде причина и овој пат ДУИ да не гласа за Богов.
Мандатот на гувернерот Богов истекува на 23 мај. Доколку партиите не ги усогласат ставовите околу предлогот тој да добие втор мандат, НБРМ ќе функционира без гувернер до изборот на нов претседател или до моментот кога Иванов би предложил нов кандидат за кого би добил поддршка од партиите во Собранието.