„Груевски се закопа во ровот на непотребна бескомпромисност и непопуштање, негувајќи си го рејтингот. Низ Скопје кружи досетката дека Груевски е толку бескомпромисен што и да му понудат решение за името кое би било „Република Македонија“, тој најрешително – би одбил!“
Ова го напишав во 2012 година во еден текст за „Утрински весник“ кога стануваше јасно дека прашањето за името во спорот со Грција се користи само како адут-играчка на власта за да си го потхранува рејтингот, без каква било намера спорот и да се реши.
Со време, сега особено, стана кристално јасно дека Груевски и тајфата немале никаква намера да го окончаат прашањето со името и здушно го користеле во својот општ план за манипулација со граѓанството. Во таа манипулација особено место имаше антиквизацијата која, со „лидерство“ на оној бездарник од Водно, кој се претставува како претседател, се спроведуваше со неверојатна прецизност и намера грчката страна да стане уште посомничава, порезервирана кон нас. Не е далеку помислата дека Иванов е инсталиран на таа позиција со единствена цел да промовира за античките корени на нацијата, теза во која само тој и такви безидентитетски типови можеа толку милитантно да веруваат. А од таа замисла за антиквизацијата се роди занесот по историјата која не е наша, но и криминалниот проект „Скопје 2014“, па сè до оние кловнови кои се именуваат како „фаланга“. Од таа замисла ние десеттина години убедливо тапкаме на опашката на Европа.
И тогаш и сега од власта (сега во опозиција) и од настапите на оние кои го оспоруваат и референдумското прашање и договорот со Грција, досега не сум чул и видел барем едно аргументирано, поткрепено, образложено, суштинско мислење за тоа зошто договорот би значел и губење на идентитетот, достоинството и самобитноста на Македонците и државата. Иако лично не сум воодушевен што мораме повторно да го менуваме називот на државата, но досега требаше веќе да се навикнеме зашто тоа сме го направиле повеќе пати низ кусата државна историја.
Аргументите на џепчијата
Но затоа, во тие настапи, видовме толку искривени и скриени страсти, пропагандни слогани сложени во некои политички кујни со политичко-мафијашка затскриена инспирација. И секако јасни великосилски инспирации и националистички, па дури и нацистички фрустрации. Видов еден куп ментално хендикепирани мажи и жени, безначајни како политички субјекти, претставени во некои платеничко инсталирани партии, кои не можат да скријат дека во целата нивна острастеност најважно им е каде се тие во сето тоа која е или каква би била нивната позиција, што губат или што можат да профитираат, сè до билмези платени од некои странски служби и држави кои имаат интереси на референдумот да победи негативниот одговор или пак референдумот, поради недоволниот одѕив, да пропадне.
Во оваа галерија на ликови и типови се приклучуваат сите оние кои со години своите ограничености ги компензираа со заблудата од големата лага наречена Голема Македонија, со монтираниот култ кон антиката и Александар Велики, а сите тие предводени од идејните водачи, оној неспособник од Водно и над сè оној ограничен џепчија кој 11 години создаваше илузии за да нѐ замае и така полесно да може да ни брца по џебовите. Ним им се придружува тајфата бездарници кои мислат дека ако се облечени во оние идиотски пластични реплики на антички оклопи за мали пари, ќе се окористат и од големиот плен на нивните наредбодавци. Си ја даваат под кирија и својата историја и својата свест и иднината. Со нив барабар одат и оние „луѓе во црно“ кои, покрај големите крстови носат и огромна омраза кон некои наши сонародници. На нив како посебна ставка се прилепува онаа несреќна главно неодредена дијаспора, од каде што всушност пред триесеттина години тргна античката приказна како потпора за себеафирмирање во оние високоцивилизирани земји во кои тие се најчесто на крајот од социјалното скалило.
Главните аргументи на противниците се на нивото на тоа дека ќе мораме да ги менуваме пасошите, а Македонската филхармонија ќе го мора да го смени името во севреномакедонска филхармонија. И тоа го слушате од луѓе за кои можете да се кладите дека и не знаат што е тоа, а нивен врвен репер во музиката завршува со Цеца.
Особено тажна улога игра опозициската партија која со пишман политика се обидува да се одржи во живот и да си даде некакво значење. Бандата која ја доведе земјата до ова дереџе сега, преку своите третолигаши, сака да создаде претстава дека од нив сè зависи, тие го имаат асот, па со него тргуваат. Де не знаат дали ќе учествуваат, де не се сигурни како ќе ги насочат своите симпатизери за тоа како да гласаат… На крајот го избраа најштреберското решение – гласајте по совест која ние ви ја одредуваме. Под натамошно строго дневно управување од Груевски, партијата останува негова заложничка, а неговата надеж е една и единствена – да се спаси од апс и да си го сочува богатството. Само нему и на тајфата им одговара референдумот да не успее, зашто после тоа ќе се игра повторно на картата на хаосот. Новиот лидер, попрво се јавува како чувар на тронот и како дилер со иднината на земјата, секојдневно ја компромитира својата ионака никаква позиција. Со ваков став тој ниту може ниту ќе може да го дефинира своето лидерство.
Стравот од непознатото
Најнакрај, треба отворено да се каже дека покрај манипулантите, политичките шмекери, измамници и водачи на пајтон партии – противници на позитивното изјаснување на референдумот се главно примитивните неедуцирани слоеви население кои се плашат од поврзувањето со светот. Недоволното познавање на себеси и уште помалку на цивилизиранот свет, е решавачкиот момент за нивна манипулација. НАТО и ЕУ не се нежни хуманитарни организации, тие поставуваат високи критериуми и правила на однесување. Многумина кај нас не се спремни на тоа и затоа мангупите играат на таа карта. На картата на стравот од новото и непознатото.
Историјата не нè галела. Напротив! Во историјата или сме го пропуштале возот или сме морале да скокнеме во него додека фаќал брзина, со сета опасност од таквиот потег. Сега кога имаме некоја каква таква шанса да направиме позначаен цивилизациски скок, наоѓаме пречки кои самите си ги поставуваме.
Додека стоиме повторно пред вечната македонска дилема: Ќе бегаме или ќе се предаваме(?!) возот може повторно да нѐ одмине.