По инцидентите во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари во кои учествуваа ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и осудени лица во предметот „Диво Насеље“, Управата за извршување на санкции (УИС), даде препораки за зголемување на безбедноста.
„УИС бара да има соодветна одговорност за сите оние службени лица од затворот кои допуштиле вакво сценарио. Одговорност мора да има, а според нашите сознанија, во КПУ Затвор Скопје веќе се почнати постапки на поведување дисциплинска одговорност. Дадени се препораки и за дополнително зголемување на безбедноста на затворот, со тоа што одсега секоја просторија за престој ќе биде сама на шеталиштето со дополнително присуство на службено лице“, соопштија од Министерството за правда под чија надлежност е УИС.
Оттаму потенцираат дека директорот на затворот, Ѓоко Котески ќе ја напушти функцијата, но по претседателските избори бидејќи сега не може да се назначи нов директор.
Од Министерството потенцираат дека нивниот извештај е изготвен откако е разгледан извештајот на затворската управа, но поради безбедносни причини не можат да го споделат интегрално. Управата, потенцираат, дека е обезбедена целосна документација: Службени белешки, изјави од службени лица од КПУ Затвор Скопје и припадници на затворската полиција, медицински известувања и снимки од камерите во ходниците и шеталиштата каде што се случиле инцидентите.
„Службените лица од УИС не извршија разговор со притворените лица поради фактот што лицата се наоѓаат на издржување на мерката притвор, а согласно член 180 од Законот за кривична постапка, надзор над притворениците врши претседателот на надлежниот првостепен суд. Во разговорот со службените лица од КПУ Затвор Скопје, истите информираа дека притворените лица биле примени на издржување на мерката притвор на 20 февруари во 22 часот, по што биле сместени во притворските простории. Согласно проценката на сите параметри кои се однесуваат на ризикот при сместувањето на лицата во притворот, заповедникот заклучил дека овие притворени лица нема да имаат никакви проблеми во просториите во кои се сместени“, соопштија од Министерството напоменувајќи дека Јанакиески кога претходно беше во притвор на шеталиштето се среќавал со осудените во „Диво Насеље“ и немало никаков никаков проблем во текот на нивните средби.
За двата инциденти во кои одделно учествувале ексминистрите, потенцираат дека има изјави од инволвираните и тие имаат спротивставени тврдења за тоа кој го започнал вербалниот инцидент.
Првиот инцидент во 11 часот, како што утврдиле, бил спречен од другите притвореници и затворската полиција кои успеале да ги разделат, а во вториот околу 14 часот, притворениците не реагирале и не помогнале да прекине инцидентот, туку стоеле настрана. Инцидентот бил веднаш прекинат од страна на затворската полиција.