„Њујорк Тајмс“: Манчевски направил филм за да ве провоцира

Во рецензијата на „Њујорк тајмс“ се вели: „Без оглед дали ќе си заминете на половина, или „Бикини Мун“ ќе го гледате двапати - а обете се валидни реакции на овој филм - ќе ви се чини дека режисерот Милчо Манчевски ќе биде задоволен. Тој направил филм за да ве провоцира“.

1901

„Бикини Мун“, петтиот филм на најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски, на 12 октомври имаше кино премиера во Њујорк. На црвениот килим пред киното, покрај бројни режисери, актери, продуценти, сценаристи и личности од модниот свет од Њујорк, дефилираше дел од актерската екипа на филмот чело со главната ѕвезда Кондола Рашад, како и Вил Џеновиц и Сатја Сридхаран.

Режисерот Манчевски во Њујорк дојде на 48 часа специјално за премиерата, од Македонија каде е во жешки подготовки пред почетоткот на снимањето на неговиот нов филм „Врба“.

– Се радувам што „Бикини Мун“ се врати дома, на безбедно, откако го сврте светот од Бразил, преку Европа до Шангај. Сакав лично да дојдам на њујоршката премиера макар и на 48 часа, оти сметам дека така најубаво ќе ја завршам таа приказна пред да почнам да го снимам „Врба“ – вели режисерот Манчевски.

Њујоршката премира на „Бикини Мун“ беше одбележана и како првокласен културен настан во американските медиуми. Манчевски и Кондола Рашад имаа заеднички гостувања и интервјуа во ТВ емисии, а објавени се и бројни рецензии во разновидни медиуми.

Во рецензијата на „Њујорк тајмс“ се вели: „Без оглед дали ќе си заминете на половина, или „Бикини Мун“ ќе го гледате двапати – а обете се валидни реакции на овој филм – ќе ви се чини дека режисерот Милчо Манчевски ќе биде задоволен. Тој направил филм за да ве провоцира“.

 „Многу слоевита, многу урбана, длабоко реална и безнадежна бајка за семејството, менталната болест и борбата“, „’Бикини Мун’ на Милчо Манчевски од сите нас прави виновни воајери“, „За оние кои бараат неконвенционален филм кој што скока од експериментален метадокументарец во директна наративна драма, ‘Бикини Мун’ е вреден и предизвикувачки“, „Моќна сатира на комплексот на спасител на белата висока-средна класа“, се дел од освртите на американската критика во кои глумата на Рашад се оценува како „беспрекорно интезивна“.

„Бикини Мун“, првиот американски филм на Манчевски, е снимен во Њујорк. Светската премиера беше во Бразил, на фестивалот во Сао Пауло, а потоа во Португалија ја освои специјалната награда на жирито. Беше прикажан и на фестивалите Синеквест во Сан Хозе, Калифорнија, Белград и Софија, Истанбул, Франкфурт, Нешвил, Менхетн, Шангај, Сарасота и други.

Македонската премиера беше во Скопје на 22 март и наиде на исклучително позитивен прием – и кај публиката и кај критиката, а потоа играше и низ Македонија.

Приказната на филмот – психолошки портрет на Бикини Мун Дејвис – говори за искршениот идеал на модерното семејство, но и за изгубената приватност во светот окупиран од камери, мобилни телефони и сеприсутните социјални мрежи. Филмската структура на Бикини Мун е филм во филм, во кој филмската стварност е двојно манипулирана.

Главна хероина е повратничката од војната во Ирак, Бикини Мун Дејвис, харизматична, енергична, духовита, убава и провокативна, но и ментално нестабилна. Нејзината приказна и нејзиното однесување нѐ водат до работ на вистината, и често не сме сигурни што е вистина, а што фантазија.

Главните улоги ги играат Кондола Рашад, Сара Голдберг, Вил Џеновиц, Сатја Сридхаран и Микал Мишел Харис. Дизајнер на продукција е редовниот соработник на Манчевски, Британецот Дејвид Манс, кој има работено на сите негови досегашни филмски проекти. Директор на фотографија е Џошуа З. Вајнстин. Единствени Македонци во филмската екипа, покрај режисерот, се композиторот на музиката Игор Василев Новоградска и дизајнерот на специјалните ефекти Мишо Ристов.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...