Префрлањето на процесите и истрагите од СЈО во JO некому му изгледа како план Ц, иако одамна беше дел од планот А. Дали тоа значи дека тие остануваат живи? Некои велат дека ова е вмровска добивка, но кој би се кладел, пишува Љупчо Поповски во колумна за „Дојче веле“.

Ова што се случува со судбината Специјалното јавно обвинителство на специфичен начин потсетува на оној познат австралиски документарец-комедија од крајот на 1970-тите „АБЦ – од љубов до секс“, кој ги полнеше кино-салите во светот, а и во Југославија. Се разбира, не би сакале да бидеме вулгарни (самиот филм беше поучно сексолошко предавање), но кога ќе се сетиме на онаа „љубов“ во Собранието на четирите партии во пржинските времиња околу Катица Јанева (кога сите се натпреваруваа да ја пофалат што е можно повеќе) и сегашните лицитирања за наводната промена на плановите од А во Б и најпосле во Ц, целата приказна завршува кај изневерените граѓани. Нема тука ништо посебно невообичаено што се однесува до политиката – ривалите во неа ги бараат сите начини да останат непоразени (а во многу случаи и на слобода) и ќе се обидуваат до последниот атом на нивното знаење и умешност она што е нивен интерес да го претстават како јавно добро.

Македонија е длабоко поделена – тоа не е ништо ново, ништо чудно, ниту пак спектакуларно невообичаено. Обидете се да најдете една земја во Европа плус Америка, која не е длабоко идолошки и политички поделена. Видете што се случува во Британија – огромната желба на една политичка структура околу Борис Џонсон го ризикува дури и опстанокот на унијата за да ја оствари својата опсесија за излегување од Европската Унија без оглед на сите последици. Британското општество е толку многу поделено што дури и семејството на Борис Џонсон се разделува поради политичките проекции. Половината од Британците сакаат по секоја цена да останат во ЕУ, другата половина сака да излезе, само што тој дел е поделен на оние што сакаат тоа да го направат на тврд начин, а другите на поелегантен. Некои од граѓаните кога ќе го видат Џонсон на улица бараат тој веднаш да го напушти нивниот град за да не ги посрамотува. Да не зборуваме за Америка – повеќе од половината нејзини жители преживуваат вистински кошмар откако пред три години Доналд Трамп победи на претседателските избори и самата помисла дека тој би можел да победи и во 2020 ги доведува до работ на политичко лудило.

Што значи тоа? Дека политичарите се комплетно отуѓени од граѓаните? Дека тие се затворени елити (како што постојано повторуваат популистите, дури и оние кои што се на власт, како Орбан или Ердоган)? Или едноставно политиката не може да функционира поинаку, дека не може да биде синтеза на милионите желби од кои ќе се исцеди најслаткиот демократски нектар. Борис Џонсон кога стана премиер на својата работна маса ја постави бистата на античкиот грчки државник Перикле (а не на Винстон Черчил)  обидувајќи се „златното доба“ од 30-те години на владеењето на Атињанинот да го пренесе врз сопственото водство. Овдешниве наши лидери немаат такви грандиозни асоцијации – тие постојано зборуваат за „мајка Македонија“, за славните комитски времиња, за лежење во затвор ако треба само да бил оставен на мира народот и слични евтини приказни. Тоа е дел од политичкиот наратив, чија суштина генерално е иста насекаде, само нијансите се различни.

Повеќе зајаци

Во тој наратив, како што пред неколку дена во Гази Баба изјави лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски „лежи зајакот“. Но Мицкоски е во заблуда, која веројатно ја знае, а на која не сака да помислува. Нема еден туку има повеќе зајаци. Оној во вмровските грмушки го собрал во себе сиот страв на многу челници на партијата, кои се обвиниети или осомничени од СЈО за разни криминали, и излегуваат на вистинска виделина кога треба да преговараат за судбината на оние предмети во кои се главни актери. Тоа е перверзноста на политиката – во одреден момент ја имаш моќта да решаваш за судбината на институцијата која кривично те гони, а при тоа да се претставуваш како неверојатен бранител на чесноста и праведноста. Бидејќи невиноста се подразбира сама по себе. Како што рече прочуената романска обвинителка Лаура Ковеси кога беше во Скопје – сите илјадници политичари, бизнисмени и функционери кои беа дел од нејзините истраги тврдеа дека тие се асполутно невини. Па, сепак, неколку стотици од нив завршија в затвор, вклучувајќи го неприкосновениот водач на земјата, Ливиу Драгнеа. Политиката најпосле најде начин да се ослободи од неа, беше разрешена затоа што, наводно, ја злоупотребила функцијата и поведе истрага против Ковеси. Но таа сега има огромна шанса да стане јавен обвинител на целата Европска Унија.

Катица Јанева потклекна на најбесмислен начин, влетувајќи во опскурно друштво со опскурни луѓе и му помогна на зајакот од вмровските грмушки да се ослободи од стравот и да прошета. Но не само да прошета, туку да покаже и дека може да се закани. Мицкоски тоа на на груб начин со заканувачки авторитарен тон го кажа пред неколку денови: „Немојте попусто да се пенавите, да ја виткате кичмата и да молите за милост. Тоа што сте си дробеле тоа и ќе сркате. Ќе бидете први соседи на таа што сега је сместивте таму – Катица, Бојан Јовановски и Зоран Милески“.

Тешко да се најде пример во македонската политика еден политички лидер кога е во опозиција да највува дека неговите опонентни ќе лежат в затвор кога тој би дошол на власт. Обично тоа се правеше со флоскулата дека оние што направиле злодела треба да одговараат и судовите да не му прогледуваат низ прсти никому. Сега во еден тврд популистички манир Мицкоски сам ги најави идните апсења ако се добере до власта.Па уште дека тој како центар на македонската вселена нема намера да ги слуша оние што испраќале курири да „преговараат за милост по поразот на изборите“. Во политиката лесно се изрекуваат зборови, а уште полесно се даваат ветувања, но обично се внимава да бидат во рамките на политичката фантазмагорија (колку и да е нереална). Вакви отворени закани за апсења ја преминуваат граница, без оглед што тоа може да биде само дел од политичкиот наратив. Во тој наратив неопходно е да се оцрнуваат луѓе по име и презиме – тоа е класичната популистичка абецеда. Откако ја оставија настрана (никој не знае зошто) Добрила Кацарска за да му дадат епитет на судството, сега нови имиња се појавија на агендата. И тоа во неверојатни експликации.

Мицкоски во говорот во Гази Баба го кажа и ова: „Денеска секој оној којшто ќе крене глава и ќе се бори за сопствената правдина и кој, не дај боже, ќе има опозициско мислење, завршува во прегратките на (Седат) Реџепагиќ и (Вилма) Русковска, а потоа се знае каде, во притвор во Шутка“. Ако се обидеме да им придадеме сериозно значење на она што го кажуваат политичарите ќе дојдеме до неверојатни и апсурдни заклучоци. Вилма Русковска беше обвинителката што побара притвор за Катица јанева, а Седат Реџепагиќ судијата што ѝ одреди притвор на специјалната обвинителка. Јанева завршила во нивните „прегратки“ затоа што имала опозициско мислење? Може ли некој да го фати почетокот и да види каде е крајот на овој мисловно-јазичен карамбол. Јавноста, сепак, очекува малку поголема умешност од политичарите, макар и во македонски услови, а не реторика во стилот „сакам кажам, не знам речам“.

Како и тоа дека за се што се случи во Пржино има само еден виновник – Никола Тодоров. Слично како и со неумесниот гаф за Нирнбершките процеси (кој, се испостави дека не бил обичен гаф, туку огромно незнаење), така и сега со погрешна употреба на терминот „преторијанец“ тие сакаат целата работа од пржинските разговори да ја симнат од грбот на Никола Груевски и да ја префрлат на Тодоров. Преторијанците за време на Римската империја беа личната гарда на императорите, нивните најдоверливи луѓе, кои навистина во одредни случаи во историјата влегувале во сплетки. Кога ќе се спомене „преторијанска гарда“ тоа е синоним за непопустливост и непропустливост. Мора да се каже дека вакви јазични пропусти не можеа да им се случат ни на Љупчо Георгиевски ниту на Никола Груевски. Очигледно дека стандардот за општо знаење се спуштил на неколку нивоа подолу во вмровската номенкалтура и тоа е навистина проблем за партијата. Претпоставуваме дека раководството многу добро знае дека Никола Груевски беше тој што ги водеше мачните преговори, а тоа може да им го потврдат и двајцата пратеници што учествуваа во нив – Никола Попоски и Илија Димовски.

Ова намерно извртување на фактите може да има една друга цел – постепено рехабилитирање пред членството на Никола Груевски за тоа што, ете, попуштил пред меѓународниот притисок и создавање терен за неговото можно враќање дома. Ионака СЈО е ставено ад акта, има голема шанса процесите да пропаднат, па дури и да се укинат некои пресуди и Груевски како некој крал во егзил триумфално да се врати дома. И тоа да биде онаа иста ситуација од Русија кога Дмитриј Медведев четири години му го чуваше претседателското место на Владимир Путин поради уставните ограничувања. Можеби тоа е така, а можеби се во прашање и други планови – како, на пример, следните претседателски избори. Како и да е, ова е првиот сериозен обид за „рехабилитација” на Никола Груевски внатре во партијата со сериозен концепт на сегашнава номенклатура. За волја на вистината, партиското раководство никогаш не се дистанцира од неговите политики во 11-те години.

Сдсмовската грмушка

Зајакот од сдсмовската грмушка е исплашен од други работи. Стотиците слики на раководители на партијата со Бојан Јовановски ги компромитираат нејзините структури и создаваат перцепција дека постоела поголема рекетарска мрежа во која можеби биле вклучени властите. Нападното дистанцирање на високите функционери од Боки 13 е неумесно и неуверливо. Кај некои тоа е инстинктивна реакција на самоодбрана и покрај фактите, кај некои е промислена стратегија. Сдсмовски структури не можат да го одбегнат впечатокот кај голем дел од јавноста дека Боки 13 е во притвор затоа што многу знаел. Истрагата, веруваме, ќе покаже колку тој навистина знаел или само ја искористил можноста што другите му ја дале, а не сакале од разни причини да ја спречат.

Другиот страв на сдсмовскиот зајак е дека кај јавноста полека се цементира впечатокот оти во рамките на опозицискиот план да се урне СЈО и тие може да искористат нешто – едноставно, корупцијата на високата политика да нема кој да ја истражува. Целиот процес да се разводени до таа мерка што јавноста ќе прифати какво било решение за специјалените истраги на специјалните обвинители само за да се задоволи формата. Но јавноста некогаш брзо заборава, а некогаш долго памети и тогаш повратниот удар е како со токмак. Факт е дека поради распоредот на силите во парламентот речиси да не беш можен договор каков што очекуваа граѓаните за иднината на СЈО, но тоа не ги ослободува сдсмовците од сомнежот дека не го направиле сето она што можеле да го направат. И најпосле да бидат дел од приказната на целосното разочарување на јавноста во политичарите. Поткленувањето на Јанева е една работа, а политичките заткулисни игри друга. Тука лежи најголемиот проблем за СДСМ – во перцепцијата што се таложи која се објаснува со три збора: сите се исти.

Префрлањето на процесите и истрагите од СЈО во редовното обвинителство изгледа како план Ц, иако тој одамна беше дел од планот А. Дали тоа значи дека тие остануваат живи? Кој знае. Ако тие процеси и истраги почнат со нови обвинители, многу од случаите можат да застарат. Некои велат дека ова е вмровска добивка. Прашање е кој би се кладел со сигурно на тоа. Во основа, има само еден добитник: политиката. И онаа од десно и онаа од лево. А јавноста?  Нејзе и останува пивото и долгите муабети за измамничката страна на политичарите.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.