Зошто е овој голем напор на истакнати првенци од ВМРО-ДПМНЕ да го девалвираат објективниот успех на евро-атлантската агенда на оваа Влада на Македонија? Зошто е ова инсистирање, дури и со бесрамно лажење, да се омаловажи и дополнително да се дезавуира историската шанса за државава да ја зацврсти својата позиција во НАТО и ЕУ? Зошто нивната психолошка пасија на омраза кон Заев и сè што тој прави и за што се залага, дозволуваат да им помине во следното, психо-патолошко ниво на опсесија со него, на штета на интересите на самата држава?
Овие реторички прашања не се наменети за морализирање околу ставовите на опозицијата. Дебатата за нивниот „образ“ се стави ад акта после првата објавена „бомба“ од прислушуваните разговори, а партискиот морал моментно се чува во подземните катакомби од визбата на Белата палата, на повисоките полици меѓу теглите со прекланска туршија, и е дел од банкарската хипотека под која Груевски им ја остави зградата, сега судски имотно блокирана.
Не, тука се работи за обид за анализа на една погрешна стратегија што опозицијата упорно ја применува, а никако не им дава резултат.
Имено, уште од првиот момент, пред неколку години, за време на лидерските средби во Клубот на пратениците каде власта брифираше за одвивањето на деликатните разговори со Грција за решавање на „проблемот со името“, тесната координација на линијата Мицкоски-Груевски-Иванов направи – како што ќе се испостави – катастрофално погрешна проценка: дека преговорите нема да успеат, дека Заев ќе се избламира и дека тоа ќе влијае врз неговото брзо паѓање од власт. Тоа што останаа стаписани од настаните што следуваа само дополнително им ја замати моќта за рационално просудување.
Отпосле гледано, не е проблемот (само) во таа првична погрешна проценка – трагедијата е во тоа што тие до ден денешен веруваат дека договор нема и дека успехот на целата понатамошна надворешна политика на Македонија е провизорен, дека и евидентниот процес на прием на Македонија во НАТО и ЕУ е реверзибилен и дека конечната разврска само ќе причека тие да се вратат на власт за, откако ќе се поништи Преспанскиот договор, тие да ја интегрираат земјата во евро-атлантските институции, без договор со Грција, а и без договор со Бугарија.
Затоа и си дозволија повторно да ја остават партијата на маргините на македонската историја, а и на маргините на балканската геополитика. Тие и сега веруваат дека им е полесно да ја вратат историјата назад, отколку да се помират со нејзиното реално одвивање, тука, пред нос, што се вели.
Оваа тра-ла-ла политика на високи емоции и ниски страсти се „бетонира“ со губењето на локалните и на претседателските избори. Тоа што Заев, сега, ги поштеди од предвремени парламентарни избори само им ја потхранува илузијата дека се на „вистинскиот пат“, всушност промашен уште пред неколку години. Разно-разни кафеански аналитичари, срцедрапателни патриоти и уште поголеми маргиналци од самите нив ги убедуваат дека се во право, а и дека земјата е рамна. Им го потхрануваат патолошкото чувство на љубоморство и завидлизам кон власта.
Така, во недостаток на друга реална политика, ВМРО-ДПМНЕ останува да го мери времето пред и по основањето на Специјалното јавно обвинителство. Вложуваат огромни напори и тој историски „часовник“ да го вратат назад, иако во осаменоста на својата погрешна политика се свесни дека и на таа тема времето ќе ги прегази. И тоа ќе им се случи „во последен момент“, што би рекла Фатиме Фетаи.
Во политиката понекогаш се случува ништо да не зависи од вас. Ова е еден таков период за ВМРО-ДПМНЕ. И ќе потрае, како што тргнале.
Извор: Цивил медиа