Скопјани најмногу читаат љубовни, психолошки, семејни и криминалистички романи, како и стручна литература од психологија. Ова го покажуваат податоците од градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, која има неколку клона низ главниот град.
– Посетителите во нашата библиотека се од сите возрасни групи, од најмалата предучилишна возраст до најстарата – пензионери. Најмладите читатели се деца на 4-5-годишна возраст, а најстариот читател во Скопје има 91 година и најмногу чита трилери и драми – вели м-р Сузана Данаилова, директорка и библиотекар-советник во библиотеката „Браќа Миладиновци“.
Месечната анкета за половата корисничка популација во Библиотеката од пред неколку години, покажала дека жените читаат повеќе од мажите.
– Месечно процентуалната застапеност варираше, или на едната или на другата страна. Анализата за сите 12 месеци покажа дека машката за разлика од женската популација, за некој процент чита помалку – вели Данаилова.
Најмногу се чита белетристика.
– Подеднакво се читаат љубовни, психолошки, семејни и криминалистички романи. Од научната литература најмногу се чита психологија. Од поновите автори најбарани се: Кристин Хана, Сара Џио, Тереза Ревај, Лорен Лејн, Лиса Гарднер, Џули Џејмс, Џозеф Марфи, Наполеон Хил, Дејл Карнеги, Робин Шарма, но и делата на Сигмунд Фројд. Треба да се нагласи дека македонските автори подеднакво се барани и читани – додаде Данаилова.
Се чини дека читателите на книги не се заинтересирани премногу за класика, научна фантастика и поезија. Според Данаилова, овие жанрови се читаат помалку.
Се случува некој да не врати книга во дадениот рок за враќање, кој изнесува 15 дена, а имало и такви лица кои воопшто не ги вратиле земените книги.
– Библиотеката не е само место каде се врши класично позајмување на книги, т.н.„земи книга – врати книга“. Таа е јавна установа, центар на културни збиднувања во градот, извор на информации од секаков вид за нашите корисници. Во библиотеката се одвиваат литературни читања, промоции на најнови изданија од наши автори, литературни манифестации во чест на значајни личности и настани од историјата, едукативно-образовни работилници, меѓународни конференции, семинари и слично – вели Данаилова.
Вработените секогаш се трудат да ги задоволат потребите на сите корисници, со оглед на тоа што читалните во библиотеката работат 24 часа. Читалните најчесто ги користат студентите.
Оваа година ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ ќе биде комплетно реновирана со пари од Буџетот на Град Скопје.
– Со тоа ќе се создадат подобри услови за нашите читатели и корисници на библиотечни услуги, а воедно и подобри услови за работа за вработените во библиотеката – појасни таа.
Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ се состои од 4 централни библиотеки, 14 библиотеки подружници и подвижна библиотека – Библиобус, која постои од 1975 година, а деновиве доби ново возило.
Располага со фонд од околу 800.000 периодични публикации и друг вид библиотечен материјал. Библиотеката постои од 1945 година.